„ЗА ПЛАТА СЕ БОРИМЕ – НЕ СЕ МОЛИМЕ“ Првомајски протест на синдикатите
Денес, за жал, 260 илјади работници живеат со плата под 600 евра, а само неколку илјади луѓе излегоа на протест за 1 Мај, рече синдикалниот лидер Трендафилов.
Под слоганот „За плата се бориме – не се молиме“ денеска во Скопје се одржа протест во организација на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), на кој беа побарарани повисоки плати и подобри услови за работа.
Протестот стартуваше од Работничкиот дом на Сојузот на синдикатите на Македонија, продолжи пред републичкото Собранието, до Стопанската комора и заврши пред Владата.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов рече дека многу работници денеска и покрај тоа што не се задоволни од нивните плати, се плашат да се придружат на протестите, затоа што сметаат дека протестите се насочени кон некој.
– Денес, за жал, 260 илјади работници живеат со плата под 600 евра, а само неколку илјади луѓе излегоа на протест за 1 Мај, рече Трендафилов.
Тој посочи дека „за жал, голем број работници денес гинат на своите работни места. Наутро заминуваат на работа, а навечер не се враќаат. И никој не презема ништо за нивна заштита“.
– Денеска е 1 Мај, денот кога работниците уште во далечната 1886 година излегле на улица и по цена на своите животи, за да ги заштитат своите работнички права, за да го скратат работниот ден од 12 часа на 8 и за да протесираат – потсети Трендафилов, повикувајќи да се почитуваат работничките права во државата.
Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска не учествуваше на протестот, со образложение дека решенијата треба да се бараат преку дијалог, а не на улица.