ТРАЕН ПОТСЕТНИК ЗА ДОСТОИНСТВОТО НА ТРУДОТ И РАБОТНИЧКИТЕ ПРАВА Македонија го слави 1 Мај

Овој празник се одбележува во повеќе од 80 земји ширум светот – со протести, синдикални маршеви, но и како ден за одмор и дружење. Кај на синдикатот организира протестен собир за повисоки плати и почитување на работничките права. Честитки за работниците доаѓаат од највисоките државни институции и политички организации, а градот е во посебен сообраќаен режим.

67

Денеска се одбележува Меѓународниот ден на трудот 1. Мај – симбол на работничката борба за достоинствени услови, фер плата и човечки права. Овој ден не е само празник, туку потсетник дека правата кои денес ги сметаме за нормални се изборени со долгогодишни жртви и отпор.

Почетоците на прославувањето на овој ден водат во Чикаго во 1886 година, кога работниците протестирале барајќи осумчасовно работно време. Протестите завршиле трагично, но токму тие настани станале темел за глобалното работничко движење. Во 1889 година, Втората интернационала, го прогласува 1 Мај за меѓународен ден на работниците.

Овој празник се одбележува во повеќе од 80 земји ширум светот – со протести, синдикални маршеви, но и како ден за одмор и дружење. Во многу држави, 1 Мај е неработен ден, но неговата суштина останува иста: потсетување дека работничките права никогаш не се дадени засекогаш, туку постојано треба да се бранат.

Кај нас, 1 Мај традиционално се одбележува како државен празник. Граѓаните го користат денот за одмор во природа, излети и дружење, но често се заборава вистинската порака – дека зад овој ден стои борба за правда. Синдикатите повремено организираат активности и апелираат за подобри услови за работниците, повисоки плати и почитување на трудот.

Прослава со протест за поголеми плати и повеќе права

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска со протест ќе го одбележи Меѓународниот ден на трудот, на кој ќе побара повисоки плати и подобри услови за работа.

Протестот почнува во 11 часот пред Работничкиот дом на ССМ, а потоа ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата, каде ќе бидат упатени синдикалните барања. Во фокусот е барањето за зголемување на минималната плата на 600 евра, што според ССМ е неопходен минимум за достоинствен живот.

На протестот нема да учествува Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), кои во пресрет на празникот вчера организираа конференција на тема „Трудови политики и колективни договори – законска рамка, примена и предизвици“.

Посебен режим за движење и бесплатен паркинг

Министерството за внатрешни работи соопшти дека денеска во централното подрачје на Скопје ќе биде воспоставен посебен сообраќаен режим поради протестот што по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, го организира ССМ.

„Протестот e предвидено да почне пред зградата на ССМ на ул. „Мирче Ацев“ бр.4 со движење лево по ул. „Филип 2-ри Македонски“, десно по ул. „11-ти Октомври“, право по ул.„Димитрие Чуповски“, десно по ул .„Васил Главинов“, право по бул. „ВМРО“, лево по бул. „Илинден“ до пред Владата“, се вели во соопштението од МВР.

Министерството апелира, граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се движат учесниците на протестот.

По повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, денеска дел од паркиралиштата со кои стопанисуваат ЈП „Паркинзи“ на Општина Центар и ЈП „Градски паркинг“ – Скопје ќе бидат бесплатни за сите граѓани. Редовно ќе се наплаќаат само затворените паркиралишта со автоматска наплата.

Честитки од институции и организации

По повод празникот, традиционално, честитики упатуваат повеќе државни институции и политички организации.

„Како претседателка на сите граѓани, потсетувам дека имаме обврска да градиме општество во коешто трудот се цени и вреднува, а социјално-економските права се остваруваат!

Да се однесуваме кон работниците како кон вреден социјален капитал, ако сакаме да ги задржиме тука, или да ги вратиме дома. Да сфатиме дека само задоволни работници може да бидат вредни и продуктивни! Среќен Први мај!“ – се вели во првомајската честитка од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

„На сите работници во Република Северна Македонија им упатувам искрени честитки и благодарност за нивниот придонес. Вашиот труд е темел на економскиот напредок, на стабилноста на семејствата и на иднината на државата.

Како институции, имаме одговорност да продолжиме да создаваме услови за безбедна, правична и достоинствена работа, во која секој човек ќе биде почитуван, заштитен и соодветно вреднуван“ – се вели во честитката од претседателот на Собранието Арфрим Гаши.

СДСМ: Ова е ден за борба, а не за прослава

СДСМ преку соопштение испрати порака дека 1 Мај е ден на борба, а не на прослава, изрази поддршка за најавениот протест на работниците, оценувајќи дека нивната состојба е влошена и дека институциите не преземаат доволно мерки за подобрување на животниот стандард.

Од партијата во соопштението посочуваат дека, наместо празнично одбележување на Меѓународен ден на трудот, работниците се принудени да излезат на улица поради, како што велат, ниските примања и растот на трошоците за живот. Според СДСМ, нема зголемување на платите, а не е прифатен ниту нивниот предлог за минимална плата од 600 евра.

Министерот Минчев со посебна благодарност до административците 

По повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, министерот за јавна администрација, Горан Минчев упати благодарност кон сите работници за нивниот труд, одговорност и секојдневна посветеност, со што, како што посочи министерот, директно придонесуваат за развојот на општеството.

– Посебно сакам да ја истакнам улогата на административните службеници, кои со својата професионалност и ангажман обезбедуваат квалитетни и ефикасни услуги за граѓаните – пишува во неговата пишана изјава.

Како што се додава во пишаната изјава, Министерството за јавна администрација останува целосно посветено на унапредување на условите за работа, зајакнување на професионалниот развој и обезбедување еднакви можности за сите.

– Заедно продолжуваме да градиме модерна, транспарентна и ефикасна јавна администрација, кој е вистински сервис на граѓаните. Честит 1 Мај – Меѓународен ден на трудот – порача министерот.

СПМ: Ја славиме солидарноста, без разлика на професијата 

„Трудот не смее да биде товар или експлоатација. Тој треба да биде креативна сила преку која секој од нас се остварува себеси и придонесува за заедницата која подеднакво се грижи за секого“ – се вели во честитката од Социјалистичакта партија на Македонија по повод 1 Мај.

„Затоа, денес ја славиме солидарноста, онаа невидлива нишка што нè поврзува сите нас, без разлика на професијата.
Кога еден работник е обесправен, сите сме засегнати. Кога еден напредува, сите одиме напред.

Ви посакуваме овој празник да го поминете спокојно, но и со обновена надеж. Нека ни биде мотив да продолжиме да градиме општество во кое социјалната правда не е само пишан збор, туку реалност што ја живееме. Општество во кое трудот е ценет, а работникот е слободен, достоинствен и горд“ – се вели во честеитката.

Вреди: Достоинствената работа заслужува праведна плата и достоинствени услови

Денеска, на 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, ја оддаваме почитта на потта, трудот и жртвата на секој човек кој со своите раце ја гради иднината на нашата земја. Овој ден не е само симболика, туку постојан потсетник дека достоинството на трудот мора да се брани секој ден, со решителност и со конкретни дела – се вели во честитката од партијата Вреди.

Го реафирмираме нашиот непоколеблив ангажман за правата на работниците, за праведни плати и за достоинствени услови на работното место. Веруваме дека секоја капка пот заслужува праведен надомест, секој труд заслужува почит, и секој работник заслужува живот со достоинство.

Презедовме конкретни чекори: ја зголемивме минималната плата на 26.400 денари нето, важен чекор кон подобрување на животниот стандард и намалување на нееднаквостите. Ги зголемивме платите на здравствените работници, наставниците… и презедовме значајни мерки за поддршка на различни категории во општеството“ – се набројува во честитката на Вреди.

Вреднувањето на трудот се покажува со дела

„Празниците се честитаат, но, вистинското вреднување на трудот се покажува преку дела“, напиша денеска на неговата Фејсбук-страница, в.д. директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.

Tој наведе дека е реализирано кумулативно номинално зголемување на платите во јавното здравство од 22 отсто во последните две години, што според него претставува околу 15 проценти реален раст над инфлацијата, што е резултат на заеднички залагања на Владата, здравствените власти и синдикатите.

„Договорени натамошни зголемувања до 2028 година. Пет отсто раст на вработени во 2025 година од 18.000 на 18.900 вработени во јавно здравство, прв раст по 2019 година. Историски 33 проценти зголемени капитации на матичните лекари. Благодарност на сите здравствени работници. Преку подобри услови и искрено ценење на трудот – до поквалитетно здравство за сите. Честит 1 Мај – Ден на трудот“ – се наведува во објавата на Фејсбук.

Честитки и до припадниците на Армијата

По повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот, министерот за одбрана Владо Мисајловски упати искрени честитки до сите вработени во одбраната и сите припадници на Армијата.

„Почитувани вработени во одбраната и припадници на Армијата, денешниот ден ја симболизира вредноста и важноста на трудот на секој еден вработен. Високо ја вреднувам вашата работа, вашата посветеност, мотивираноста која е видлива секој изминат ден, работејќи на процесите кои нè прават побезбедни и посилни. Ве охрабрувам со истиот ентузијазам, професионалност и посветеност да продолжите да придонесувате во заштитата на националните интереси и безбедноста на граѓаните”, истакнува министерот Мисајловски.

Професионализмот, тимската работа и заедништвото кои ги покажувате пред секој предизвик и секој ангажман, рече министерот, се квалитети кои ве одликуваат и ве водат секојдневно. „Вие сте темелот на безбедноста на државата и сигурноста на македонските граѓани. Честит  1. Мај!”, потенцира министерот.

 

Поврзани содржини