ЦЕНИТЕ ПОД КОНТРОЛА, ПЛАТИТЕ РАСТАТ Дурмиши со оптимистички пораки и најави нови мерки

Инфлацијата се движи под 5 %, а Владата најавува нови мерки за заштита на стандардот и раст на платите во следните три години.

25

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, на денешната седница за пратенички прашања во Собранието, одговарајќи на прашањето поставено од пратеничката Јована Тренчевска, истакна дека Владата спроведува сеопфатни и континуирани мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните и за унапредување на правата на работниците.

Министерот потенцираше дека состојбата со цените е стабилизирана и ставена под контрола. Според официјалните податоци, инфлацијата се движи меѓу 4,5 и 4,9 %, што претставува значително намалување во однос на кризата од 2022 година, кога таа надминуваше 10 %. Дополнително, кај 55 основни производи растот на продажните цени е минимален – 0,43 %, набавните цени пораснале за 1,01 %, додека трговските маржи се намалуваат, што укажува дека дел од товарот го преземаат и трговците.

Во однос на мерките, Дурмиши нагласи дека Владата донела конкретни политики за ублажување на ценовните притисоци, меѓу кои намалување на ДДВ и акцизите за горивата, како и засилен инспекциски надзор преку Државниот пазарен инспекторат со 30 тима на терен. Дополнително, веќе се разгледуваат нови таргетирани мерки, вклучително и можност за намалување на ДДВ за основните прехранбени производи и повторно ограничување на маржите.

Во делот на платите, министерот истакна дека Владата води одговорна и одржлива политика. Тој нагласи дека минималната плата не може да се утврдува со политички одлуки без економска основа, бидејќи тоа може да доведе до негативни последици врз работните места и стопанството. Наместо тоа, постои методологија со која платите се врзуваат со просечната плата и трошоците за живот, со што се обезбедува континуиран раст.

За две години, додаде тој, се зголемени платите во образованието, здравството и секторот безбедност – полицијата и одбраната, а постигнат е и колективен договор со синдикатите од јавниот сектор, со што 11.000 административци добиле повисоки примања. Постигнат е договор и за наредните три години, според кој платите ќе продолжат да растат и ќе се усогласуваат со минималната плата.

– Во изминатиот период платите се зголемија во повеќе сектори преку колективни договори, а само по основ на усогласување со трошоците за живот има раст од речиси 12 %. Дополнително, утврдена е јасна динамика за раст од 7 % во 2026, 2027 и 2028 година, што претставува вкупно зголемување од приближно 21 % – истакна Дурмиши.

Во врска со правата на работниците, додаде дека секој месец во Економскиот совет се одржуваат средби со претставници на синдикатите и работодавачите од приватниот сектор.

– Ги дискутираме сите теми, од стандардот на вработените до платите и нивното зголемување – рече Дурмиши.

Во однос на наводите за буџетскиот дефицит, министерот посочи дека Владата води одговорна фискална политика во услови на глобална економска неизвесност, при што интервенциите се насочени кон заштита на економијата и граѓаните.

Дурмиши нагласи дека Владата останува посветена на креирање политики што обезбедуваат стабилен економски раст, зголемување на платите и заштита на ранливите категории, врз основа на реални економски параметри, а не на популистички ветувања.

Поврзани содржини