ОКТА УСПЕШНО ОДГОВОРИ НА КРИЗАТА Компанијата ги објави резултатите за првиот квартал

Како што информираат од компанијата, во вакви услови на нестабилност и нарушени транспортни коридори, фокусот бил ставен на сигурноста во снабдувањето.

34

Порастот на глобалните цени на нафтата во првите три месеци од 2026 година, поттикнат од геополитичките тензии на Блискиот Исток, донесе нова неизвесност на енергетските пазари, но ОКТА успеа да одговори со зголемена продажба и значително подобри финансиски резултати.

Како што информираат од компанијата, во вакви услови на нестабилност и нарушени транспортни коридори, фокусот бил ставен на сигурноста во снабдувањето.

– Во услови на зголемена неизвесност на глобалните пазари, ОКТА остана целосно посветена на обезбедување континуитет и сигурност во снабдувањето со нафтени деривати за домашниот и регионалните пазари – велат од компанијата.

Цените на суровата нафта бележеа раст во текот на кварталот, со најсилен притисок во март, кога зголемените тензии на Блискиот Исток предизвикаа загриженост за безбедноста на снабдувањето и ограничување на глобалните текови на нафта и деривати. Ова, во комбинација со зголеменото складирање на залихи, доведе до значително повисоки цени во однос на лани.

Во ваква средина, компанијата дополнително ја зајакнала својата логистика.

– Со цел да ја зголемиме оперативната отпорност, ги проширивме транспортните капацитети преку користење на продуктоводот за испорака на дизел, што ни овозможи поголема флексибилност и сигурност – посочуваат од ОКТА.

Продажбата достигнала 334 илјади кубни метри, што е раст од 35% во споредба со истиот период минатата година. Значаен удел во ова има извозот, кој учествува со околу 25% од вкупниот обем.

– Зголемената извозна активност и стабилната логистика ни овозможија ефикасно да одговориме на побарувачката на соседните пазари – додаваат од компанијата.

Растот на продажбата се одразил и на финансиските резултати. Приходите достигнале 12,6 милијарди денари, што е зголемување од 44%, додека бруто добивката пораснала за 372%. ЕБИТДА бележи скок од дури 837%, а нето добивката достигнала 968 милиони денари – што е повеќе од деветкратно зголемување.

Сепак, од компанијата предупредуваат дека дел од овие резултати се должат и на ефектите од вреднување на залихите, кои зависат од ценовните движења.

– Идните промени на меѓународните пазари може да имаат и спротивно влијание врз ефектите поврзани со залихите, па финансиските резултати ќе продолжат да ги одразуваат пазарните флуктуации – велат од ОКТА.

Во исто време, оперативните трошоци се зголемиле за 15%, главно поради зголемената активност, но компанијата наведува дека трошковната база останува под контрола.

Покрај економските резултати, ОКТА продолжува и со инвестиции во одржливост. Во првиот квартал инвестирани се 24 милиони денари во обновливи извори на енергија.

– Со овие инвестиции придонесуваме кон намалување на емисиите и постепена транзиција кон почисти енергетски решенија – истакнуваат од компанијата.

Во услови на нестабилни цени на горивата, компанијата вовела и привремени попусти за дизел и бензин за трговците, мерка која била продолжена до крајот на април.

– Оваа иницијатива беше насочена кон поддршка на пазарот и крајните потрошувачи во период на зголемени притисоци – велат од ОКТА.

Компанијата продолжува да инвестира и во општеството, преку проширување на програмата за стипендии, со нови можности за постдипломски студии во земјата и странство.

Нивната општествена ангажираност беше препознаена и со наградата „Најголем корпоративен донатор за 2025 година“ од СОС Детско село, додека новата бренд кампања „Енергијата околу нас“ дополнително ја истакнува улогата на компанијата во секојдневниот живот.

Поврзани содржини