УЧЕСТВОТО НА БУЏЕТСКИОТ ДЕФИЦИТ ВО БДП ЌЕ СЕ НАМАЛИ НА 2,8% ДО 2030 ГОДИНА Димитриеска-Кочоска вети одговорно и дисциплинирано управување со јавните финансии
Фискалниот совет одржува стручна расправа на тема „Ефикасноста на јавните финансии и улогата на фискалните правила во Северна Македонија".
Министерството за финансии останува посветено на градење поотпорен, постабилен и поефикасен систем на јавни финансии. Унапредувањето на фискалната рамка е во интерес на економската стабилност и долгорочниот развој на државата.
Ова го порача министерката за финансии Гордана Димитриеска – Колоска на стручна расправа на тема „Ефикасноста на јавните финансии и улогата на фискалните правила во Северна Македонија”, во организација на Фискалниот совет.
– Современото управување со јавните финансии бара долгорочна визија, јасни правила и институционална стабилност коишто овозможуваат предвидливост, дисциплина и одговорност во носењето на одлуките. Фискалната политика во наредниот период ќе се соочи со комплексен предизвик на балансирање меѓу потребата од консолидација и потребата од развој. Затоа е неопходно внимателно управување, силни институции и доследна примена на фискалните правила- рече Димитриеска-Кочоска.
Таа посочи дека денешната расправа се одвива во фазата на усвојување на Фискалната стратегија за период 2027-2031 година како клучна рамка за среднорочното управување со јавните финансии.
-Оваа стратегија е резултат на јасна определба за одговорно и дисциплинирано управување со јавните средства во услови на зголемени глобални ризици, енергетска нестабилност и потреба од зачувување на макроекономската стабилност. Таа има за цел да обезбеди стабилен и предвидлив фискален пат, без да се наруши економската активност и социјалната сигурност на граѓаните – рече Димитриеска-Кочоска.
Со фискалната стратегија се предвидува постепено намалување на буџетскиот дефицит од 3,5% од БДП во 2027 година на 3% во 2028 година, а потоа на 2,8% во 2029 година, ниво што се задржува и во 2030 и 2031 година.
Ова, според министерката за финансии, претставува јасен сигнал за постепена фискална консолидација и усогласување со европските фискални стандарди, како и за зајакнување на кредибилитетот на фискалната политика.
Таа појасни дека во насока на постигнување на овие цели, Владата ќе спроведува континуирани мерки и на приходната и на расходната страна на буџетот, со цел да се обезбеди одржливост, ефикасност и поголема транспарентност во управувањето со јавните финансии.
– Особено внимание се посветува на зајакнување на наплатата на буџетските приходи преку системски мерки за намалување на сивата економија и подобрување на даночната дисциплина, а се работи на рационализација на расходната страна преку намалување на несуштинските трошоци кај буџетските корисници, со цел јавните средства да се насочат кон политики и проекти со најголем јавен интерес и развоен ефект. Политиките за плати и пензии ќе се водат на начин кој обезбедува зачувување на нивната реална вредност. Стриктната примена и контролата на Законот за јавните набавки треба да обезбеди повисок степен на транспарентност и значајни заштеди на јавни средства – рече Димитриеска-Кочоска.
Паралелно со ова, додаде таа, се унапредуваат процесите на планирање и реализација на капиталните инвестиции, на кои има се дава приоритет според нивната подготвеност и според нивниот придонес кон економскиот раст и подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните.
Министерката ја истакна и улогата на Фискалниот совет во креирањето на фискалната политика преку своите анализи и мислења.
-Министерство за финансии, ја гледа оваа улога како важен партнерски елемент во креирањето на фискалната политика. Независната експертиза и критичката анализа ја прават политичката одлука поквалитетна и поодржлива – рече Димитриеска-Кочоска.