ВАЖНА ПРОМЕНА ЗА ВОЗАЧИТЕ КАЈ ОХРИД Се затвораат споредните приклучоци на автопатот, полицијата ќе казнува
Од 29 април се укинуваат привремените приклучоци кај Требеништа и Мешеишта, а возачите ќе мора да се вклучуваат на автопатот исклучиво преку клучката кај охридскиот аеродром.
Од утре (29 април) се менува режимот на сообраќај на автопатската делница меѓу Охрид и Кичево – сите привремени споредни влезови и излези кај селата Требеништа и Мешеишта се затвораат.
Од СВР Охрид информираат дека возачите повеќе нема да можат да се приклучуваат на автопатот од овие точки, туку ќе мора да го користат пристапот кај клучката во близина на Аеродром „Св. Апостол Павле“.
Пристапот до клучката ќе биде овозможен преку веќе изградените споредни патишта надвор од автопатот, со цел побезбедно и поорганизирано вклучување во сообраќајот.
Полицијата најавува засилени контроли на терен. Ќе се санкционира секој што ќе се обиде да се приклучи на автопатот на непрописен начин, особено на делниците каде што досега постоеја привремени влезови.
Апелот до возачите е јасен – строго да ја почитуваат поставената сигнализација и насоките од полициските службеници, за да се избегнат ризици и да се одржи безбедноста на оваа фреквентна делница.