НАСКОРО СО ВОЗ ЌЕ СЕ ПАТУВА НА РЕЛАЦИЈА ПРИЛЕП-БИТОЛА-ЖАБЕНИ Повратниот билет ќе чини 150 денари
Министерот за транспорт вели дека на овој начин ќе се подобрат врските меѓу двата града додека не се изгради автопатот.
До јуни ќе се пушти железничка линија Прилеп-Битола-Жабени, а повратниот билет за релацијата ќе изнесува 150 денари, најави денеска министерот за транспорт и врски Александар Николоски.
Ова според министерот, ќе биде решение за проблемот со поврзувањето на двата града додека се работи на автопатот.
– Со МЖ Инфаструктура и МЖ Транспорт, работиме најдоцна до јуни да пуштиме меѓуградски воз кој би оперирал на линија Прилеп-Битола-Жабени. Оние кои имаат дневна потреба за патување меѓу овие два града, а и оние кои работат во индустриската зона Жабени, да го користат возот. Ќе одиме со промотивна цена за повратна карта од 150 денари, што е најевтино што може да се најде на пазарот имајќи предвид дека паркинг некој би платил повеќе, да не зборуваме за бензин за возило – рече Николоски.
Клучни проекти за развој на Пелагонискиот Регионот на кои што се работи, како што наведе, се автопатот Прилеп-Битола, чија изградба се одвива со одлична динамика и по првите километри според ветувањето од изведувачот ќе се вози напролет следната година.
Исто така важна е изградбата на делницата од Фариш до Прилеп, обиколницата за Битола на чие проектирање веќе се работи и проектот за парно во овој град, како и гасификацијата помеѓу Прилеп и Битола.