ЕДНА ГОДИНА ПО ЗАБРАНАТА СЛОВЕНЦИТЕ КОРИСТАТ Е-ЦИГАРИ СО АРОМИ, НО КУПЕНИ ОД ЦРНИОТ ПАЗАР Македонскиот Закон за пушење е пресликан од словенечкиот

Дали македонските здравствени власти ризикуваат да го пресликаат словенечкото сценарио со усвојувањето на најавениот Закон за заштита од пушење?!

143

Словенија е немоќна во битката против неконтролираните никотински производи коишто се продаваат на црниот пазар. Нелегалната дистрибуција се зголемила откако минатата година властите во Љубљана законски ги забранија за продажба електронските цигари и никотинските ќесички со вкусови и ароми.

Дали македонските здравствени власти ризикуваат да го пресликаат словенечкото сценарио со усвојувањето на најавениот Закон за заштита од пушење?! Упатените истакнаа дека предложениот текст кај нас е изготвен по словенечкиот модел и исто така предвидува рестрикции за ваквиот вид алтернативни никотински производи. Но, од друга страна, медиумите во Словенија пишуваат дека една година подоцна ваквите мерки резултирале со голем број негативни ефекти, особено поради фактот што корисниците сега употребуваат незаконски вејпови кои воопшто не подлежеле на лабораториски контроли.






Како што пишува „Журнал24“, на крајот на април 2025 година, во Словенија стапи во сила забрана за ароми во електронските цигари, што било претставено како важна мерка за јавното здравје. Главното образложение била заштитата на населението, особено на младите, бидејќи законодавците сметале дека аромите во електронските цигари се една од најчестите причини за започнување со нивна употреба.

„Проценките од истражувањето на организацијата Empty pack покажуваат дека во времето пред забраната во Словенија имало приближно 40.000 корисници на ароматизирани електронски цигари. Државниот буџет собирал речиси 4 милиони евра годишно од електронски цигари во 2024 година, а пазарот бил целосно регулиран, како во однос на квалитетот на производот, така и во однос на контролата и продажбата“, се истакнува во статијата.

Како што се додава, во тој период претставници на стручната јавност, на индустријата и невладините организации предупредиле за потенцијалните негативни ефекти од таквата рестриктивна политика. Една од наведените причини била дека забраната на производ кој е легален и е во пораст во сите соседни земји нема да ја намали неговата употреба, туку ќе го префрли поголемиот дел од корисниците на црниот пазар. Односно, дека побарувачката за овие производи нема да исчезне, туку ќе се насочи кон неконтролирани и нелегални канали.

„Настаните што следуваа по воведувањето на забраната во голема мера ги потврдија предупредувањата. Десет месеци по спроведувањето на целосната забрана за ароми, структурата на пазарот на електронски цигари во Словенија значително се промени. Забраната за ароми доведе до криминализација на активност што претходно законски беше регулирана“, се додава во текстот.

Според студијата на организацијата „Empty pack“, нелегалниот и нерегулиран пазар моментално снабдува приближно 90 проценти од приближно 40.000 словенечки корисници на електронски цигари. Преовладувале нерегулирани производи, главно произведени во Кина, а државата ја изгубила контролата врз квалитетот и продажбата. Како резултат на тоа, Словенија исто така изгубила приходи, а корисниците останале без заштита. Според студијата, за само седум месеци од воведувањето на забраната, легалниот пазар на електронски цигари во Словенија речиси целосно се трансформирал во нелегален.

„Во 2024 и 2025 година, повеќе од 99,7 проценти од е-цигарите на словенечкиот пазар биле легални, што значи дека овие производи биле предмет на строги државни прописи. Овие ограничувања вклучувале проверка на квалитет и состојки, нивоа на никотин, продажба, контрола на продажни места, етикетирање на производи и забрана за продажба на малолетници. Државата го контролирала и пазарниот сегмент со акцизи. Во февруари 2026 година, дури 87,9 проценти од сите е-цигари на словенечкиот пазар биле од нелегално потекло. Се вели дека клучната причина за јазот е забраната за ароми, кои остануваат најбараната карактеристика на производот кај потрошувачите и во голема мера ги одредуваат нивните навики за купување“, потенцираат словенечките медиуми.

Тие додаваат дека моменталната ситуација, според резултатите од студијата, тешко е да се опише како успех од перспектива на јавното здравје или регулаторната регулатива. Последиците од забраната се повеќеслојни и се протегаат на јавното здравје, како и на економијата и функционирањето на државата. Пристапот до нерегулирани производи станал полесен поради воведувањето на забраната за ароми, што го ставило јавното здравје во поголем ризик, особено кај младите. Сегашната ситуација го покренала поширокото прашање за ефикасноста на рестриктивните политики кои не го зеле предвид вистинското однесување на потрошувачите и динамиката на пазарот. Во овој случај, мерката за забрана на ароми не ги постигнала дефинираните цели, туку создала нови предизвици кои се значително потешки за контрола.

Имаат ли македонските институции стратегија и план при вакво сценарио? Уште од информирањето на јавноста и најавата за новиот Закон за заштита од пушење кон почетокот на годинава, Царинската управа неколку пати информираше за заплена на нелегални алтернативни никотински производи, како што се електронски цигари и никотински ќесички со вкусови и ароми. Европол, поучен од искуствата од земјите кои вовеле ваква или слична забрана, веќе предупреди дека последниве години има „последователно зголемување на фалсификувани производи за вејпинг што влегуваат на пазарот на ЕУ и на многу од овие фалсификувани производи и делови за е-цигари им недостасуваат контроли за квалитет и не ги исполнуваат безбедносните и здравствените барања, што претставува ризик за потрошувачите“.

Податоците покажуваат дека во Естонија, каде што забраната за вкусови беше воведена во 2020 година, речиси 60 проценти од корисниците на електронски цигари денес купуваат ароматизирани производи на нелегалниот пазар. Примерот на Данска, каде што забраната беше воведена во 2022 година, покажува сличен модел, а повеќе од половина од корисниците сè уште користат нелегални производи со вкусови. Холандскиот пример покажува дека една година по забраната, употребата на е-цигари кај младите се зголемила за приближно 25 проценти, а заплените на забранети производи достигнале рекордни нивоа.

Поврзани содржини