600 ПАТРОНИ ПРОНАЈДЕНИ ВО АВТОБУС НА „ДУРМО ТУРС“ Обвинителството отвори истрага за двајца осомничени
Во автобус на „Дурмо Турс“ на Табановце откриени 600 патрони, обвинителството отвори истрага против две лица.
Автобус на компанијата „Дурмо Турс“ бил запрен на граничниот премин Табановце, откако во него била пронајдена муниција, објави Алсат ТВ. По настанот, Јавно обвинителство потврди дека е поведена истрага против две лица, на кои им се определени мерки на претпазливост.
Според информациите, мобилни екипи на Царинската управа при контрола на автобус на компанијата „Дурмо Турс“ пронашле околу 600 патрони со калибар за лесно и долго оружје. Неофицијално, муницијата му припаѓала на еден од возачите, кој ја криел на посебно место во возилото.
Од обвинителството потврдуваат дека постапката е во тек.
„ОЈО Куманово поведе истрага против 2 лица на кои по предлог на обвинителот им се определени мерки на претпазливост. Продолжуваат да се спроведуваат дејствија за целосно расчистување на настанот и испитување на потенцијална инволвираност и на други лица“, соопштија од обвинителството.
Според надлежните, се работи на целосно утврдување на потеклото на муницијата и нејзината намена, како и дали во случајот се вмешани и други лица.