ХАОС И ПРЕНАТРУПАНОСТ ГО ОДЛОЖИЈА ГОЛЕМОТО СУДЕЊЕ ВО ГРЦИЈА Двесте адвокати и стотици сведоци се туркаа во мала судница

Судењето за трагедијата кај Темпи е одложено поради хаос, лоши услови и организациски проблеми, и покрај тоа што станува збор за еден од најголемите судски процеси во Грција. Со десетици обвинети, стотици сведоци и силен јавен притисок, процесот почнува со сериозни пречки и неизвесен тек.

259

Хаос и несоодветни услови го одложија долго најавуваниот старт на судењето за трагедијата кај Темпи во Грција. Во несреќата, што се случи на 28 февруари пред 3 години, загинаа 57 лица, претежно млади. Судењето требаше да започне денес, но наместо тоа, процесот повторно е оттурнат.

Според грчките медиуми одложувањето е резултат и на технички и на организациски проблеми, што дополнително ја засилува перцепцијата дека процесот се развлекува без јасна временска рамка.






Катимерини пишува дека преполнетоста на судницата е причината за одложувањето.

„Учесниците се пожалија дека местото не ги исполнува основните стандарди, што е спротивно на ветувањата на (грчкото) Министерство за правда. Ограничените места за седење и слабата видливост ја влошија ситуацијата, додека близината на обвинетите и семејствата на жртвите ги поттикна конфронтациите“.

Околу 200 адвокати, повеќе од 250 роднини на жртви, преживеани, сведоци и најмалку 40 новинари се собраа во салата од 283 квадратни метри, а тензиите беа високи. Претседателот на судењето успеа да прочита само пет имиња од списокот на обвинети пред повеќекратни прекини.

Судењето требаше да се одржи во специјално адаптирана сала во конгресниот центар на Универзитетот Тесалија во Лариса. Новиот датум е закажан за 1 април.

36 обвинети, 500 документи

Обвинети се службени лица од железницата, раководители, вработени во инфраструктурни компании, членови на регулаторни тела, како и поранешни директори од Министерството за транспорт и двајца поранешни високи функционери на „Hellenic Train“.

Случајот е комплексен. Вклучува над 200 адвокати и повеќе од 500 документи, што дополнително го отежнува текот на постапката.

Има 36 обвинети. Меѓу нив нема политичари.

Штрајковите не престануваат

Пред стартот на судењето се одржа протест во Лариса. Железничките работници прогласија 24-часовен национален штрајк.

Семејствата на жртвите и јавноста сè погласно реагираат. Дел од нив тврдат дека клучни докази биле сокриени, што ја продлабочува недовербата во институциите.

Процес што може да трае години

Правни експерти во Грција предупредуваат дека станува збор за исклучително сложен случај. Големиот број обвинети, техничките аспекти и обемниот доказен материјал значат дека судењето може да трае и до две години.

Одложувањето на самиот старт дополнително ја отвора дилемата дали правдата ќе стигне навреме.

Поврзани содржини