Рударството меѓу манипулации и потребата од одговорна политика

Повод за оваа реакција беше и јавното обраќање од страна на рудникот „Бучим“, кое го доживеав како пример за комуникација што повеќе внесува забуна отколку што носи јасност.

49

Рударството во Македонија веќе подолго време не е само економска тема – туку поле на судир меѓу интереси, перцепции и често недоволно информирани ставови. Наместо аргументирана дебата, сведоци сме на конфузија, недоверба и, за жал, обиди за дискредитација кои не придонесуваат кон вистинскиот развој на секторот.

Повод за оваа реакција беше и јавното обраќање од страна на рудникот „Бучим“, кое го доживеав како пример за комуникација што повеќе внесува забуна отколку што носи јасност.






Во духот на колегијалноста, би сакал да посочам неколку работи – со дипломатски, да речеме, „британски џентлменски“ манир.

Кога јавно се прозива некој, најпрво е потребно да се знае кој е тој – неговата улога, образование и капацитетот за пристап до информации. Токму затоа, ќе започнам со кратко лично претставување.

На покана на рудникот во изградба „Казандол“, бев ангажиран како соработник на Македонската асоцијација за рударство (МАР), во рамки на најголемата стопанска комора во државата. Во текот на таа соработка, на иницијатива на тогашниот директор на „Бучим“, кој воедно беше и претседател на МАР, се отвори прашањето за значењето на поимот „лобирање“.

Вистинската суштина ја разбрав на еден од последните состаноци, кога претставник од „Казандол“ остро реагираше и јасно укажа на обидите за контрола врз секторот – со став дека само одредени компании треба да имаат статус на рудници, додека другите да останат на ниво на наоѓалишта. Тоа практично значеше обид за монополизација на рударството – особено во делот на бакарот, златото и ретките метали.

И токму ваквите пристапи се една од причините зошто денес се наоѓаме таму каде што сме во развојот на индустријата.

Паралелно, моето искуство не е ограничено само на рударскиот сектор. Уште од младоста сум вклучен во обуки за работа со невладиниот сектор, во рамки на регионални програми, што ми овозможи да ги разберам механизмите на активизмот. Основната лекција која ја научив е едноставна: за да водиш дебата, мора да бидеш подобро информиран од соговорникот.

Низ годините, таа логика ја надградив преку професионално искуство. Повеќе од две децении сум активен во областа на медиумската регулатива. Бев директор на асоцијација која обединуваше 130 радија и телевизии, а заедно со колеги учествував во креирање и застапување на законски решенија кои и денес се во сила.

Дополнително, бев ко-претседател на мрежата на асоцијации на приватни радиодифузери во Југоисточна Европа, а мојата професионална мрежа вклучува и соработка со истакнати новинари и медиумски експерти во земјата.

Сето ова не го наведувам за лична промоција, туку за да биде јасно – јавната дебата, особено за чувствителни теми како рударството, мора да се води со знаење, искуство и одговорност.

Но, суштината не е во поединечни реакции или полемики. Суштината е во прашањето: каде се движи рударството кај нас и кој ја води таа насока?

Рударството, како и секоја стратешка индустрија, не смее да биде затворен систем. Напротив – потребна е фер и отворена конкуренција, каде што квалитетот, инвестициите и стандардите ќе бидат единствените критериуми за успех.

Истовремено, јавната дебата за рударството често се води без доволно знаење. Се пласираат тврдења, се шират стравови, а ретко се вклучуваат оние кои навистина ја разбираат материјата – инженерите, научниците, професорите. Наместо факти, доминираат перцепции.

Токму затоа, иднината на рударството мора да се гради на три клучни столба:

Прво – транспарентност.
Компаниите мора отворено да комуницираат со јавноста, да ги објаснуваат процесите, ризиците и придобивките. Недовербата се раѓа таму каде што нема информации.

Второ – силен институционален надзор.
Државата мора да биде активен регулатор, а не пасивен набљудувач. Контролите, процедурите и законите треба да се применуваат доследно, без селективност и без политички влијанија.

Трето – вклучување на експертската јавност.
Политиките за рударство не смеат да се креираат во затворени кругови. Во нив мора да учествуваат универзитети, научни институции и независни експерти, со цел одлуките да се базираат на знаење, а не на притисоци.

Само со ваков пристап може да се надмине сегашната состојба на поделби и недоверба.

Рударството не е ни апсолутно зло, ни апсолутно добро – тоа е индустрија која, доколку се води правилно, може да биде двигател на економијата. Но доколку се остави на импровизации, монополи и дезинформации, тогаш ризиците ги надминуваат придобивките.

Затоа, наместо конфликти и кампањи, потребна ни е зрела, аргументирана и одговорна дебата. Рударството во Македонија има потенцијал – прашањето е дали ќе имаме капацитет тој потенцијал да го развиеме на правилен начин.

Поврзани содржини