НЕ Е СЕЕДНО КОГА СЕ ПРИМЕНУВА ЛЕКОТ ПРОТИВ РАК Ова откритие може да значи подолг живот за многу пациенти
Терминот кога се применува имуно-терапијата влијае на резултатите од третманот
Давањето имунотерапија против рак на пациентите порано во текот на денот може да значи подолг живот, според првото рандомизирано контролирано испитување за влијанието на времето на терапевтските интервенции врз резултатите од третманот, спроведено од д-р Франсис Леви и тим од Универзитетот Paris-Saclay.
Сите клетки во нашите тела следат 24-часовни циклуси, познати како циркадијални ритми, кои влијаат на сè, од расположението до метаболизмот и имунолошкиот систем.
Неколку студии веќе открија дека пациентите со рак кои примаат инхибитори на контролни точки (лекови за имунотерапија кои им помагаат на одредени имунолошки клетки да го убијат ракот) порано во текот на денот имаат значително помал ризик од влошување и смрт.
Пред 15 часот
Тимот на Леви избрал 210 лица со немикроцелуларен рак на белите дробови, и сите тие примиле четири дози од пембролизумаб или синтилимаб, два инхибитори на контролни точки. На секои три недели, половина од учесниците примиле доза пред 15 часот, а останатите подоцна во текот на денот. Кратко по дозата на имунотерапија, сите примиле хемотерапија, за која се смета дека е помалку засегната од времето на администрација.
По четири такви циклуси, сите учесници продолжиле да ги примаат истите лекови, сè додека повеќе не реагирале на третманот или нивната болест не се влошила, но не во одредено време. Се покажало дека пациентите кои првично го примиле лекот пред 15 часот преживеале во просек 28 месеци, а оние кои го примиле подоцна преживеале 17 месеци.
Временска контрола
– Ефектите се огромни, тоа е околу 70 проценти подолго време на преживување – вели Леви, кој објаснува дека овие придобивки може да произлезат од фактот дека имунолошките Т-клетки насочени од овие лекови се собираат околу туморот наутро пред постепено да мигрираат во крвотокот. Затоа, ако имунотерапијата се администрира порано во текот на денот, Т-клетките се поблиску до туморот и можат да го нападнат посилно.
Сега треба да се испита, велат научниците, дали администрирањето на терапијата во поспецифично време, како што е 11 часот наутро, може да има дополнителни предности во споредба со поширок временски период, како и дали темпирањето на администрацијата на „хемоимунотерапија“ подолго од четири циклуси може да донесе уште поголеми придобивки.