В ПОНЕДЕЛНИК НОВИ ЦЕНИ НА ДИЗЕЛОТ И НА БЕНЗИНИТЕ Владата ќе соопшти вонредни мерки за ублажување на ценовниот шок
Владата утре во 12 часот ќе има седница на која ќе се донесат вонредни мерки за борба против високите цени на бензините со кои ќе се ублажи ценовниот шок.
Цените на светските нафтени берзи растат. Се очекува тоа дополнително да се одрази на домашната цена на бензините.
Иако земјава плаќа убедливо најевтин бензин споредено со регионот, се очекува во понеделник дополнителен раст на дизелот и бензините.
Владата константно ја следи состојбата и утре во 12 часот ќе има вонредни мерки за борба против високите цени на бензините. Ќе се донесат мерки со кои ќе се ублажи ценовниот шок.
Од 18 март годинава на бензинските пумпи на ОКТА, Пуцко Петрол, Макпетрол и Лукоил се точи гориво поевтино за два денара од максималната цена што ја определува Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за нафтените деривати. Поевтинувањето на горивата доаѓа откако ОКТА им понуди за два денара пониски цени на трговците со нафтени деривати и веќе почна да им испорачува гориво по пониски цени.
На 13 март министерката за енергетика Сања Божиновска и директорот на ОКТА Димитриос Пасхос на прес-конференција најавија дека до крајот на март ОКТА за два денара ги намалува цените на дизелот и на бензините за трговците што набавуваат горива од компанијата овозможувајќи им на тој начин на трговците на големо и мало оваа придобивка да ја рефлектираат во крајните цени за потрошувачите. Пасхос, тогаш рече дека останува на трговците на големо и мало самостојно да ги утврдуваат продажните цени во согласност со своите комерцијални политики и пазарни услови.
Со последните две корекции на цената на горивата во земјава што ги донесе РКЕ цената на дизелот се зголеми за 21 денар, а на бензините за 12 денари по литар. Причина за поскапувањата на горивата кај нас и глобално, се случувањата на Блискиот Исток.