ДИРЕКТОР СИ ДЕЛЕЛ ПАРИ ЗА ОДМОРИ И ГО ОШТЕТИЛ БУЏЕТОТ Кривична за поранешен раководител на струмички „Комуналец“

Во 47 наврати носел незаконски одлуки и исплатил над еден милион денари за себе и за вработени во јавното претпријатие.

443

Поранешен директор на јавното претпријатие „Комуналец“ во Струмица е осомничен дека со години незаконски исплатувал пари и го оштетил буџетот на претпријатието за над еден милион денари.

Според информациите од полицијата, станува збор за 57-годишен струмичанец кој во периодот од 2022 до 2023 година, во дури 47 наврати носел одлуки спротивни на прописите и си овозможувал финансиска корист и за себе и за други вработени.






Истражните органи утврдиле дека тој одобрувал исплати за неискористени денови од годишен одмор, повикувајќи се на колективен договор, иако таквите исплати не биле во согласност со законските правила.

Во текот на 2022 година, на овој начин биле исплатени околу 593 илјади денари за него и уште 24 вработени, додека во 2023 година дополнителни над 502 илјади денари завршиле кај 21 лице.

Со овие постапки, вкупната штета за јавното претпријатие достигнала повеќе од 1,09 милиони денари.

Од полицијата најавуваат дека против него е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување, а случајот ќе добие судска разврска.

Поврзани содржини