НЕСРЕЌАТА ВО КОЧАНИ БЕШЕ ТЕШКА ЛЕКЦИЈА И СИЛЕН АЛАРМ ЗА ДРЖАВАТА Изградениот систем треба секогаш да функционира

Новите раководства на институциите направија сеопфатна анализа на сите институционални слабости и не беше реакција само по трагедијата, туку беше еден континуиран пристап којшто го даваме изминативе 365 дена и којшто ќе продолжиме да го даваме, вели Марија Митева член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и портпаролка на македонската влада.

90

 

Несреќата во Кочани е силен аларм за државата, вели Марија Митева член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и портпаролка на македонската влада.






– Кочани беше една тешка лекција за сите и еден силен аларм за државата, зашто системот беше предолго време во длабок сон. Работата не е завршена. Системот и будењето на системот е една страна, но поважно за мене е функционирањето на системот, којшто кога ќе го изградите треба да продолжи да функционира, да престане да се руши со промените на власта и да биде еден систем којшто кога ќе ги воспоставите принципите, ќе функционира доследно во иднина – рече Митева во гостување на Телма.

Таа посочи дека биле спроведени инспекциски надзори и дека е направена сеопфатна анализа на сите институционални слабости.

Истакна дека контролите и надзорите се клучни за да нема состојби на злоупотреба во државата.

– Со спроведените инспекциски надзори во 2025 година, имаме само 7 активни лиценци, спроведени 4.000 инспекциски надзори, над 1.700 прекршочни платни налози, 162 решенија за забрана за вршење на дејност. Само една година претходно, во 2024 година има драстично помали бројки – рече Митева.

Институциите имаат меѓуресорска координација, додаде таа.

– Овој случај отвори прашања чија е надлежноста, кој го дал соодветниот документ. Контролата е реална затоа што кога бројките го потврдуваат тоа имате намален број на проблеми, ризикот е помал во ваква ситуација затоа што колку повеќе имате контроли и надзори толку е помала веројатноста дека ќе имате состојби на злоупотреба. Новите раководства на институциите направија една сеопфатна анализа на сите тие институционални слабости и не беше реакција само по трагедијата, туку беше еден континуиран пристап којшто го даваме изминативе 365 дена и којшто ќе продолжиме да го даваме – истакна Митева.

 

Поврзани содржини