ОБВИНИТЕЛКАТА НА САД, ПАМ БОНДИ ПОВИКАНА НА СОСЛУШУВАЊЕ ЗА ДОКУМЕНТИТЕ ЗА ЕПСТИН Конгресот ќе ја испрашува како вршела надзор над објавувањето на досието
Конгресот има сериозни прашања во врска со постапувањето на Министерството за правда со истрагата за Епстин и неговите соработници, како и за усогласеноста со законот со кој министерството се обврзува да ги објави релевантните документи за сексуалниот злосторник.
Претседателот на Комитетот за надзор на Претставничкиот дом, Џејмс Комер, денеска издаде задолжителна судска покана за јавната обвинителка Пам Бонди, барајќи од неа да сведочи пред конгресмените за начинот на кој се постапува со досиејата поврзани со покојниот сексуален злосторник Џефри Епстин.
Овој потег уследи откако петмина републиканци во комисијата се придружија на своите колеги од Демократската партија во поддршката на предлогот на конгресменката Ненси Мејс за повикување на Бонди да сведочи.
Во писмото упатено до обвинителката, Комер наведе дека комисијата има сериозни прашања во врска со постапувањето на Министерството за правда со истрагата за Епстин и неговите соработници, како и за усогласеноста со законот донесен минатата година, со кој министерството се обврзува да ги објави релевантните документи.
„Како јавен обвинител, вие сте директно одговорни за надзор врз прибирањето, прегледот и одлуките на Министерството во врска со објавувањето на датотеките согласно Законот за транспарентност на досиејата на Епстин. Затоа, Комитетот смета дека вие поседувате вреден увид во овие напори“, напиша Комер.
Комитетот веќе упати судски покани и до поранешниот претседател Бил Клинтон и поранешната државна секретарка Хилари Клинтон како дел од тековната истрага и тие сведочеа, како и до други влијателни поединци чии имиња се појавуваат во досиејата.