🎥 НОВИ ДЕТАЛИ ЗА СКАНДАЛОТ НА „КОЛДПЛЕЈ“ Баш е супер што и ти и тато сте на концертот, ѝ напишала во порака ќерката на Кристин Кабот
Кристин Кабот, женската половина од парот кој беше во центарот на скандалот што се случи за време на концертот на „Колдплеј“ во јули 2025 година, за првпат подетално зборува за случката во поткастот на Опра Винфри. Меѓудругото, открива дека на истиот концерт бил и нејзиниот сопруг со кој во тоа време веќе биле раздвоени
Извршната директорка за човечки ресурси, Кристин Кабот, е повторно во центарот на вниманието откако во поткастот на Опра Винфри првпат подетално зборуваше за скандалот кој се случи на концертот на „Колдплеј“ во јули 2025 година и како оган се рашири на социјалните мрежи.
За потсетување, Кабот беше снимена во прегратка на нејзиниот тогашен шеф, Енди Бајрон, на концертот на „Колдплеј“ во Масачусетс. По реакциите на Кабот и Бајрон кои кога се видоа на големиот екран, испаничено се раздвоија покривајќи си ги лицата, пејачот на бендот, Крис Мартин од бината се пошегува дека е на повидок можна афера.
Од тој момент видеото молскавично се прошири низ целиот свет.
Во најавата за интервјуто, Кабот открива дека таа вечер на концертот бил и нејзиниот тогашен сопруг, од кого во тоа време веќе била разделена.
– Додека влегував на концертот, ќерка ми ми прати порака: ’Баш е супер што и ти и тато сте на концертот на ‘Колдплеј’. Така сфатив дека и мојот сопруг е таму – раскажа Кабот.
Веднаш помислила дека може да стане незгодно ако случајно се сретнат.
– Си реков: ’Ќе биде ли чудно ако ме види со Енди?‘ Ама после си помислив: ’Ајде, има 55.000 луѓе, нема шанси да се сретнеме. На крај, веројатно ќе беше полесно да налетав на него – вели таа.
Кабот тврди дека нејзиниот тогашен сопруг не би бил изненаден ако ја видел со Бајрон, бидејќи знаел колку соработуваат.
– Тој знаеше дека јас и Енди работиме многу заеднички работи, дека одиме на ручек или на пијалак. Во мојата работа тоа е нормално, односите со директорите се блиски, со некои сум делела и канцеларија – објасни таа.
Откако снимката стана вирална, и Кабот и Бајрон ја напуштија компанијата „Астрономер“, каде што тој беше извршен директор, а таа директорка за човечки ресурси. И двајцата беа под огромен притисок од јавноста и медиумите.
Кабот откри дека потоа добивала многу критики, па дури и закани по живот. Иако подоцна поднела барање за развод, вели дека во тој период практично веќе не била во брак, бидејќи биле разделени.
Во претходни изјави за „Њујорк тајмс“ кажала дека таа и Бајрон не биле интимни и дека таа вечер само се бакнале.
Целото интервју со Опра Винфри ќе биде објавено на Јутјуб, а според најавите, Кабот ќе зборува и за тоа каков им е односот денес, како и за периодот кога нејзиниот приватен живот стана тема број еден во јавноста.