ФИЛИПЧЕ ТВРДИ ДЕКА ШИЛЕГОВ „ОДРАБОТУВАЛ“ ЗА ВМРО-ДПМНЕ Инаку, на СДСМ многу му растел рејтингот
Единствено нешто што може да прават е да ја делат партијата однатре и така да нè ситнат за да владеат онака како сакаат да владеат - изјави Филипче.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција изјави дека одлуката на Извршниот одбор да се иницира исклучување на Шилегов била донесена со целосен консензус.
– Нема да дозволам луѓе да ја делат СДСМ понатаму – изјави Филипче во партиското седиште.
Тој нагласи дека по направените проверки и прибавени информации, раководството заклучило дека станува збор за процес кој, според нив, претставува „одработување за ВМРО-ДПМНЕ“ и обид за внатрешна поделба на партијата“.
– Оваа власт ништо не може да направи за да го спречи падот на анкетите, кој е евидентен. Веројатно ги имате тие анкети, ваков пад на ВМРО-ДПМНЕ досега немало, а ние имаме раст. Единствено нешто што може да прават е да ја делат партијата однатре и така да нè ситнат за да владеат онака како сакаат да владеат – изјави Филипче одговарајќи на новинарско прашање.
Одлуката на СДСМ доаѓа по гостувањето на Шилегов во емисијата „Тема на денот“ на ТВ Сител, каде што тој изјави дека СДСМ кадровски се испразнил и најави дека поголема група социјалдемократи наскоро ќе побараат оставка од актуелното раководство.
Минатата година СДСМ го исклучи од членство поранешниот потпретседател Јован Деспотовски, со образложение дека дејствува против интересите на партијата и дека соработува со политички структури блиски до ВМРО-ДПМНЕ и до ЗНАМ.
Партијата пред 4 месеци го исклучи и членот на Советот на Општина Карпош, РадославТрошановски, „поради непочитување на одлуките и ставовите на СДСМ и работење спротивно на интересите на партијата“.