ТРАМП ВРШИ ПРИТИСОК ЗА ПОМОШ ВО ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ Еве како засега реагираат прозваните земји
Од почетокот на војната со Иран кон крајот на февруари, Ормускиот Теснец - низ кој поминува околу една петтина од светскиот транспорт на нафта и течен природен гас - де факто е блокиран од иранската војска.
Aмериканскиот претседател Доналд Трамп го зголеми притисокот врз сојузниците по прашањето за меѓународна поморска мисија за обезбедување на пловидбата низ Ормускиот Теснец, кој е клучен за глобалното снабдување со нафта.
Ќе биде многу лошо за иднината на НАТО
– Ако нема одговор или ако одговорот е негативен, тоа би било многу лошо за иднината на НАТО. Американската влада ја поддржа Украина во нејзината војна против Русија и затоа очекува помош од европските сојузници во Ормускиот Теснец – изјави Трамп за „Фајненшал Тајмс“.
Откако првично најави дека американската морнарица наскоро ќе започне да придружува танкери низ Ормускиот Теснец, Трамп во саботата (14.03) ја промени позицијата. Наместо тоа, тој ги повика другите земји да испратат воени бродови за да ја обезбедат пловидбата низ теснецот.
Трамп разговарал со седум земји
Трамп изјави дека ќе учествуваат „многу земји“ и ги наведе Кина, Франција, Јапонија, Јужна Кореја и Велика Британија. Во изјава за новинарите во претседателскиот авион Ер Форс Уан, Трамп рече дека неговата влада разговара со „околу седум“ земји.
Јапонската влада, сепак, исклучи учество во таква поморска мисија.
– Во сегашната ситуација во Иран во моментов не размислуваме да наредиме поморска безбедносна операција – изјави јапонскиот министер за одбрана Шинџиро Коизуми пред парламентот во Токио.
Јапонската премиерка Санае Такаичи додаде дека секоја таква операција би била „правно исклучително тешка“.
Германската влада уште во петокот ја исклучи можноста за германско учество. Во неделата (15.03) министерот за надворешни работи Јохан Вадефул за АРД изјави дека во моментов не гледа „непосредна потреба“ Германија да учествува во поморска мисија за обезбедување на Ормускиот Теснец.
Министерот побара од САД и Израел повеќе информации за воените цели и понатамошните планови во војната против Иран.
Во Франција властите реагираа претпазливо и порачаа дека ја разгледуваат безбедносната ситуација во регионот, при што се споменува можност за придружба на трговски бродови во рамки на европски поморски активности.
Во Велика Британија владата соопшти дека ги анализира опциите со сојузниците, но засега не соопшти конкретна одлука за учество во американската иницијатива.
Во Јужна Кореја властите истакнаа дека внимателно ја следат ситуацијата во регионот, имајќи ја предвид зависноста на земјата од енергетските испораки од Блискиот Исток.
Од Кина, пак, нема конкретна потврда за учество во ваква поморска мисија, иако Пекинг се смета за една од државите што имаат силен економски интерес за безбедноста на пловидбата низ Ормускиот Теснец.
Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска во Брисел треба да разговараат за ситуацијата на Блискиот Исток. Меѓу темите е и можноста за проширување на поморската мисија на ЕУ во Црвеното Море за заштита на поморските патишта во Ормускиот Теснец.
Од почетокот на војната со Иран кон крајот на февруари, Ормускиот Теснец – низ кој поминува околу една петтина од светскиот транспорт на нафта и течен природен гас – де факто е блокиран од иранската војска. Теснецот меѓу Арапскиот Полуостров и Иран го контролира иранската Револуционерна гарда. Покрај тоа, Иран гаѓаше нафтени постројки во неколку земји од Заливот и нафтени танкери. Овие случувања доведоа до нагло зголемување на цените на нафтата и гасот.