80% ОД ДОКТОРИТЕ СЕ СООЧИЛЕ СО ВЕРБАЛНО НАСИЛСТВО Лани поднесени само 2 кривични пријави, лекарите премолчуваат поради сложените процедури
Анкетите на Лекарската комора откриваат дека 78% од докторите биле изложени на некаков вид насилство, од кои 80% на вербално и 6,8% на физичко насилство.
Кога еден лекар е нападнат вербално, физички или преку социјалните мрежи, не страда само поединецот, туку целиот систем и пациентите кои чекаат помош, рече денеска претседателката на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова, по повод 12 Март, Европскиот ден за подигнување на свеста против насилството врз здравствените работници.
– Ние докторите не сме ваши непријатели, напротив, докторот е тој кој се бори за вашиот живот, во различни услови. Насилството и агресијата не се решенија за системските недостатоци – изјави проф. д-р Гривчева Старделова.
Комората изнесе податоци дека над 70% од докторите во Македонија се соочиле со насилство на работното место. Анкетите на Комората откриваат дека 78% од докторите биле изложени на некаков вид насилство, од кои 80% на вербално и 6,8% на физичко насилство.
Со измените на Кривичниот закон во 2023 година нападот врз медицинско лице се третира како напад врз службено лице, но, како што посочува Лекарската комора, очекуваните резултати изостануваат. Речиси 70% од нападите воопшто не се пријавуваат поради сложените процедури или перцепцијата на докторите дека тоа е дел од нивната работа.
Според податоците од МВР, изминатата година по Законот за здравствена заштита се поднесени две кривични пријави за кривичното дело Напад врз здравствен работник и здравствен соработник при вршење на здравствена дејност, за кои се пријавени тројца сторители. Едно дело се случило во Скопје, а второто во Штип.
Проф. д-р Карди Хаџихамза, член на Извршниот одбор на Комората, како психијатар предупредува на сериозноста на последиците од нападите.
– Последиците од насилството врз докторите се сериозни и вклучуваат психолошки стрес, анксиозност и прегорување, што многумина ги принудува да размислуваат за напуштање на професијата или за заминување во странство, што дополнително го слабее здравствениот систем. За спречување на овие појави, неопходно е здравствените установи да воведат подобри безбедносни мерки, како обезбедување и видеонадзор, но и да се работи на подобрување на комуникацијата помеѓу докторите и пациентите и на едукација на пациентите – истакна проф. д-р Хаџихамза.
Лекарската комора инсистира на брза институционална разрешница на секој инцидент и стопирање на дигиталниот линч врз лекарите, истовремено апелирајќи за подобрување на условите за работа преку зголемување на персоналот и подобра организација.
– Хуманоста е двонасочна улица и затоа е потребна почит и нулта толеранција за насилство од страна на сите чинители – институциите, медиумите и граѓаните – со цел да се изгради безбедна средина во која лекарите ќе можат достоинствено да ја вршат својата професија. Комората ги повикува сите доктори задолжително да ги пријавуваат инцидентите во полиција и во Комората, бидејќи само со соодветни санкции ќе се престане да се испраќа порака дека насилството е прифатлива форма за изразување незадоволство – истакна проф. д-р Гривчева Старделова.
Подобрите безбедносни мерки треба да опфатат поголемо присуство на обезбедување, системи за видеонадзор и јасни протоколи за реагирање во случај на агресија. Исто така, треба да се работи на подобрување на комуникацијата меѓу докторите и пациентите. Кога пациентите се добро информирани за својата состојба и за процесот на лекување, нивото на недоверба и фрустрација се намалува. Во едукацијата на докторите треба да се посвети повеќе внимание на развој на комуникациски вештини. Исто така, се потребни и едукативни јавни кампањи за пациентите кои ќе ја подигнат свесноста за потребата од почит кон здравствените работници и ќе придонесат за создавање на култура на меѓусебна почит, се вели во сооптението од Лекарската комора.