ТАЈНА ШАХТА ЗА КРАЖБА НА СТРУЈА ВО ТЕТОВО Ресторан, спа и фитнес направиле штета од над 56.000 евра
Контролите на Електродистрибуција откриле нелегален приклучок преку подземна шахта во станбено-деловен објект во Тетово, при што штетата се проценува на над 56.000 евра.
Тешка кражба на електрична енергија вредна повеќе од 56.000 евра била откриена во станбено-деловен објект на улицата „Браќа Миладинови“ во Тетово, соопшти Електродистрибуција.
Контролата ја спровел тимот на компанијата задолжен за откривање на неовластено користење на струја, при што било утврдено дека објектот, во кој функционираат ресторан, спа центар, фитнес центар и салон за убавина, бил нелегално приклучен на електричната мрежа.
Од Електродистрибуција велат дека струјата била крадена преку специјално изработена подземна шахта, од каде бил направен директен приклучок на нисконапонски кабел.
– При контролата беше откриен систем за неовластено користење електрична енергија преку специјално изработена подземна шахта. Со тоа бил овозможен директен приклучок на кабелски вод од дистрибутивната мрежа – информираат од компанијата.
Според нив, ваквите случаи претставуваат сериозно кривично дело и предизвикуваат голема финансиска штета за системот.
– Против лицата кои стојат зад случајот се преземени сите законски мерки. Поднесена е пријава до полицијата, а изготвена е и фактура за надомест на штета во износ од 3.459.428 денари – велат од Електродистрибуција.
Компанијата додава дека борбата против кражбата на електрична енергија останува приоритет, а контролите ќе продолжат и во наредниот период.
Случајот е пријавен во Министерство за внатрешни работи на Северна Македонија и се води постапка за кривично дело според член 235-а од Кривичен законик на Северна Македонија.