НИКОЛОСКИ НАЈАВИ ЕДЕН КУП НОВИ ПРОЕКТИ СО СВЕТСКА БАНКА Интелигентни транспортни системи, реконструкција на премини, нови комунални возила

Александар Николоски, во соработка со Светска Банка, најави проекти за урбана мобилност во Скопје и во другите градови, воведување интелигентни транспортни системи и подобрување на царинскиот сообраќај. Тој најави и реконструкција на граничните премини Ќафасан и Деве Баир, како и набавка на нови возила за комунална хигиена во Скопје со поддршка на Светска Банка.

273

Вицепремиерот Александар Николоски од Вашингтон најави нови проекти за општините и продлабочена соработка со Светска Банка. Николоски оствари работна средба со Чарлс Кормиер,регионален директор за инфраструктура во Светска банка. Со Кормиер разговарале за зголемена соработка во делот на инфраструктурата, транспортот и локалниот развој.

Николоски нагласил дека поддршката од оваа меѓународна институција има големо значење за модернизацијата на државата.






– Ми претставува огромна чест овие два дена да се биде во Вашингтон, во седиштето на Светска банка, и да можам да се обратам како еден од главните говорници на глобалниот настан што го организира Светска банка – рече Николоски.

286 километри локални патиша, нема каде не се гради

Тој објасни дека на настанот „Transforming Transportation 2026“ ќе се дискутира за транспортот, комуникациите и инфраструктурата, како и за нивното влијание врз економскиот развој.

– Средбите се на високо ниво. До сега имаме одлична соработка со Светска банка. Нема општина, нема град, нема село во Македонија каде во моментов не се работат локални улици токму со средства од Светска банка – изјави вицепремиерот.

Според него, во моментов се реализираат околу 286 километри локални улици со финансиска поддршка од Светска банка.

Интегриран систем на царина, поврзување на 8 институции

Николоски најави и значајни подобрувања во царинскиот систем, каде што во еден интегриран систем ќе бидат поврзани 8 институции. Тоа, како што рече, ќе овозможи побрз проток на стоки и луѓе и ќе го намали задржувањето на товарниот сообраќај на границите.

– Ја подобруваме состојбата во Царината, каде во еден систем ќе се интегрираат осум институции, што ќе значи побрз проток на стока и луѓе – истакна Николоски.

Тој посочи и дека во тек е реконструкцијата на два важни гранични премини – Ќафасан, кој ја поврзува Македонија со Албанија, и Деве Баир, кој ја поврзува со Бугарија.

Интелигентни транспортни системи и урбана мобилност

Во наредниот период, Владата ќе работи и на воведување интелигентни транспортни системи, како и на подобрување на сообраќајната инфраструктура и управувањето со транспортот.

Посебен акцент, според Николоски, ќе биде ставен на урбаната мобилност. Пилот-проект веќе се подготвува за Скопје, по што ќе биде проширен и во другите градови.

– Најавувам бројни нови проекти кои ќе ги работиме во соработка со Светска банка, особено во делот на урбаната мобилност – рече тој.

Нови возила за комунална хигиена

Еден од предизвиците со кои се соочуваат општините, како што додаде, е хигиената. Затоа се подготвува проект со кој за Град Скопје ќе се обезбедат нови возила за комунална хигиена.

– Заедно со Светска банка работиме на проект за Град Скопје со кој ќе обезбедиме возила за Комунална хигиена, што треба целосно да ја промени сликата за чистотата на нашите општини – нагласи Николоски.

Тој истакна дека е голема чест што е избран како еден од тројцата говорници на годишната конференција на Светска банка во Вашингтон.

– Тоа е признание за Владата и за напорната работа. Ќе продолжиме со нашите меѓународни партнери да ја развиваме Македонија, да отвораме нови добро платени работни места и луѓето да остануваат во Македонија – порача Николоски.

На средбата, регионалниот директор за инфраструктура во Светска банка, Чарлс Кормиер, го поздравил присуството на вицепремиерот на глобалниот настан и нагласил дека годинава фокусот на Светска банка е ставен на решенија за одржлив и инклузивен транспорт, како клучен предуслов за економски раст и отворање нови работни места.

Поврзани содржини