ИРАН ДО ФУДБАЛЕРКИТЕ, „ВРАТЕТЕ СЕ ДОМА“ Скандалот не стивнува, 5 репрезентативки добија азил
Пет фудбалерки од иранската женска репрезентација, меѓу нив и капитенката Захра Ганбари, побараа и добија азил во Австралија за време на турнир. Откако одбија да ја пеат химната и беа наречени „предавници“, Техеран ги повика да се вратат дома.
Продолжува скандалот со фудбалерките на Иран по нивните настапи на Женскиот Азиски куп во Австралија. Откако се шпекулираше дека фудбалерките порабале азил во странство скандалот доби и дипломатска димензија. Пет репрезетивки, меѓу нив и капитенката Захра Ганбари, побараа и добија азил во Австралија.
Веднаш реагираше Техеран. Иранските власти ги повикаа фудбалерките да се вратат дома. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, објави порака на социјалните мрежи.
„До иранската женска фудбалска репрезентација, не грижете се. Иран ве чека со раширени раце. Вратете се дома“, напиша Багаеи.
Тој тврди дека спортистките се држат како „заложници“ во Австралија.
„Убија повеќе од 165 невини ирански ученички во двоен напад со Томахавк врз градот Минаб, а сега сакаат да ги земат нашите спортистки како заложници во име на нивно спасување. Дрскоста и лицемерието се зачудувачки“, напиша портпаролот.
Фудбалерките се најдоа под силен притисок во Иран откако одбија да ја пеат националната химна пред натпреварот против Јужна Кореја. Потоа на иранската државна телевизија беа етикетирани како „предавници“.Пет членки на тимот во вторник добија азил во Австралија.
Според извештаите, играчките тајно го напуштиле хотелот во текот на ноќта. Тие побарале заштита од австралиските власти.
По тоа биле префрлени во безбедна куќа.
Објавени се и фотографии на кои се гледа како австралискиот министер за внатрешни работи Тони Бурк потпишува документи со кои им се доделува хуманитарна дозвола за престој.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп го коментираше скандалот со фудбалерките велејќи дека САД ќе им даде азил ако Австралија не го стори тоа. Фактот што фудбалерките не ја отпеаја химната на некои од натпреварите, а потоа го сторија тоа, ги разбуди сомнежите за тоа дали репрезентативките се под притисок од Техеран или испраќаат порака.