„Старите лисци“ на Балканот ги убиваат

Оние кои го величаа(т) „стариот лисец“, но веднаш после него „ги убија“ сите негови заложби! (Како што, впрочем, заврши и „наследството“ на Тито). Затоа и велам дека „старите лисци“ на Балканот ги убиваат – директно или индиректно.

450

Не пледирам мојата дребност да ја споредувам со значајни луѓе, но човек денес не може, а да не се поистовети со зборовите на еден Черчил во триесетите години на минатиот век, дури и пред да се случат сите оние црнила коишто, некои мислеа, ќе бидат само минато. Тој велел:

„Тешко дека остана што и да е од она природното или стекнатото што, благодарејќи на моето воспитување, го сметав трајно и суштинско. Сѐ што сум сметал, или сум научен да сметам, за потполно невозможно, сето тоа се случи“!






Ако за најголемиот број нормални луѓе во Европа „Големата војна“ беше врвот на хоророт (а за нашите претци во Македонија и Балканските војни што ѝ претходеа), набргу од главата им се удрија нацизмот и фашизмот со уште понезамисливите ѕверства, омраза и крвопролевања во Втората светска војна. И со тоа како да требаше да завршат стравотиите, а Фукујама дури прогласи и крај на историјата.

Испаднавме наивни дека Хобс со „човек на човека волк“ е далечно минато, дека Einsatzgruppen се дефинитивно распуштени… Ама, погледнете ја Газа, погледнете го Иран, па и Украина, се разбира… Или, претходно, растурањето на Југославија! Сега Куба била на дневен ред.

И да, некои вчерашни и денешни „државници“ не биле како Черчил воспитувани во духот на хуманизмот, цивилизираноста, емпатијата, моралот… Всушност, ниту знаат што се тие поими. Повеќе наликуваат на возрасни налудничави силеџии кои му се одмаздуваат на целиот свет бидејќи некој во детството не сакал да си игра со нив, можеби им удирал „чврги“ и завратници, им ги земал парите за ужинка…, и сега шутрациве – враќаат „мило за драго“! Дошле нивните пет минути „слава“ (Ворхол).

Мислевме дека светот завршил со такви типови. Се излажавме. Темната страна на човекот секогаш успева да се изненади и себеси! Но, изгледа, само ние не се изненадуваме од сопствените постапки. Кај нас сѐ поминува мазно, а се правиме дека не го гледаме и она што ни се одигрува(ло) пред очите. Само одвреме навреме некој „неранимајко“ зачудено ќе нѐ потсети на детали од поблиското минато, како „случајот“ со „стариот лисец“ Глигоров, кого само по потреба кај нас некои го вадат како џокер, кога ќе им затреба во нивните ефтини паланечки игрички.

А богами и таа албанска новинска агенција, толку ли е зад времето и дури сега разбира за стоте милиони долари па крева толкава врева? Но и кај нас само пред месец дена тоа „куферче“ пак беше отворано. Но и веднаш, повторно, пикнато „под тепих“ од онаа позната македонска „пајтон интелигенција“ која така неуморно се грижи за нашиот јавен простор: не смее ни пиле – или глас – да прелета што може да им наштети на нивните газди.

Оние кои го величаа(т) „стариот лисец“, но веднаш после него „ги убија“ сите негови заложби! (Како што, впрочем, заврши и „наследството“ на Тито). Затоа и велам дека „старите лисци“ на Балканот ги убиваат – директно или индиректно.

Поточно, денес не можете да слушнете ниту „п“ од политиките на Глигоров, неговите настојувања за познатата еквидистанца, отпорот кон притисоците од соседите… Неговите пулени, оние кои му глумеа воодушевување од неговата далекувидост – којашто де факто се потврди – одвај дочекаа да го снема и да раскрчмат со неговото политичко наследство.

Затоа и македонскава интелектуална „елита“, предводена од онаа „пајтон интелигенција“ сосе вувузелите на бившите „општествено-политички работници“ така „мудро“ ги прескокнува сите политички тези на Глигоров, но пелтечи за некаква меѓународна геополитика, прашува што разговарале Трамп и Путин, но не и што бараше оној зевзек Руте во Македонија? Чекаат некој од оние ним омилени два-три странски весници да им каже?

Затоа и прашањето што во завиткана форма неколку пати го поставувам, но сега уште еднаш, поконкретно: што бараше Руте во Македонија? Ние сме му омилена туристичка дестинација или намерите му се поинакви? И ќе му удоволиме ли, не нему туку на оние кои си играат господари на војната? Ќе ја претвориме ли државата во еден голем нато (малите букви се…) полигон, но со тоа и легитимна цел на дронови, ракети и др.?

Што ќе му кажеше „стариот лисец“ на Руте, но и на оној Вајс кој тврди дека тоа што го испреговарала една банда измамници не можело да се „предоговори“? Или, замислете, како еден Броз ќе ги измаршираше ваквите политиканти?!

Од друга страна, ние како некакво потенцијално европско „слепо црево“ – состојба што најчесто самите си ја избира(в)ме – континуирано се повиваме под интересите/ударите на силниците (локални или меѓународни) барајќи си го местото под сонцево коешто одамна не грее за сите исто. И никако да го најдеме, иако сите одговорни триесет години се колнат дека ни е на дофат.

Во меѓувреме, веќе три децении континуирано кај нас се одвива првобитна акумулација на капитал, како покултурен израз за разграбување на државните ресурси од страна на оние кои ни ја „донесоа“ демократијата. И уште ни ја носат, во мали дози, на лажички. Како сируп против кашлица. Коекакви филистри глумат политички и интелектуални елити додека ја пикаат раката во џебот на граѓанинот!

А граѓанинот се согласува на сѐ мислејќи дека конечно ќе го остават раат, ќе живурка малку подобро, ќе може да ги испрати децата на летување… Никој не му кажува дека тоа нема да се случи, или можеби и ќе се случи во некоја иднина којашто тој нема да ја доживее. И кога веќе сѐ ќе биде разграбано!

Сега веќе ни во училиштата, уште помалку на факултетите, ги учат она за коешто говорел Черчил. Домашно воспитување одамна не постои, или постои во форма на семејно насилство коешто, повторно, никој ни го контролира ниту пак го казнува. Освен кога ќе се случи трагедија! Тогаш дури и екс-министерката за социјала најбезобразно бара одговорност од актуелниот министер на полицијата и „заборава“ дека сето тоа всушност е нејзино наследство!

Поврзани содржини