66 ТЕНДЕРИ ОД ЕСМ ГИ ВРЗУВААТ ФИЛИПЧЕ И ЗАЕВ СО ПУТИН Онишченко и конзулот Марковски се дел од приказната, тврди ВМРО-ДПМНЕ
Фирмата на Борче Марковски, почесниот конзул на Белорусија во Македонија добила вкупно 77 тендери од државата во времето на владеењето на СДСМ од кои 66 се тендери од ЕСМ вредни 141 милиони евра, обвинува ВМРО-ДПМНЕ, тврддејќи дека Марковски и олигархот Онишченко се јасен показател за врските на СДСМ со рускиот лидер Владимир Путин.
Бројните тендери од претходната влада на СДСМ за фирмата на Борче Марковски, почесниот конзул на Белорусија во Македонија се доказ за врските на СДСМ со рускиот лидер Владимир Путин, обвинува ВМРО-ДПМНЕ во соопштение до јавноста.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Марковски, близок соработник на белорускиот претседател Александар Лукашенко добил дури 66 тендери вредни 141 милион евра од ЕСМ за неговата „Марковски компани“. Вкупната бројка на тендери за компанијата во периодот од 2019 до 2023 година, според соопштението изнесува 77.
Тендерите доделени од ЕСМ изнесувале 93% од вкупната вредност на сите тендери, се вели понатаму во текстот. Марковски е под истрага за сомнителните тендери.
„Освен што во време на власт на СДСМ, Заев и Филипче, Марковски ги добивал најголемиот број тендери од ЕСМ, туку и фирмите подизведувачи кои соработувале со него биле или на кланот Заеви или на лица блиски до нив“.
Како врска меѓу Путин и СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ го спомнува и рускиот олигарх Александар Онишченко, сега веќе осуден на 15 години затвор во Украина за корупција и перење пари.
„Го вдомија во државата му дадоа државјанство кога ниедна друга држава не го примаше“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Врските со Марковски и Онишченко, само ја потврдуваат очигледната близина и добрите бизнис контакти на Филипче и Заев со лица блиски до Путин и Лукашенко, тврди ВМРО-ДПМНЕ.
„А, заедничко на сите овие лица е тоа што, за сите постојат основани сомненија дека се дел од различни криминални и корупциски шеми, а СДСМ, Заев и Филипче за свои бизнис интереси и остварувања се ставија против државните интереси.
Тоа време заврши, СДСМ веќе не е во можност да тргува со националните во корист на бизнис интересите на кланот Заеви и Филипче.
Заштитник на државните национални и стратешки интереси е ВМРО-ДПМНЕ, и остро ќе се спротивстави на предавничката политика промовирана од СДСМ и дуото Заев и Филипче“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.