НЕИЗВЕСНОСТ ОКОЛУ ОСКАРИТЕ ПОРАДИ ВОЈНАТА СО ИРАН Дали гламурозниот црвен тепих ќе изгледа поинаку оваа година?
Организаторите на Оскарите наводно разгледуваат различни сценарија за овогодинешната церемонија. Причината се тензиите на Блискиот Исток кои би можеле да фрлат сенка врз гламурозниот црвен тепих. Дополнителна димензија на целата приказна ѝ дава и тоа што меѓу овогодинешните номинирани за Оскар има три ирански автори.
Пред овогодинешните Оскари, сè повеќе се зборува за тоа како церемонијата би можела да биде обележана со актуелните настани во светот. Иако официјални промени сè уште не се објавени, наводно се разгледуваат различни опции зад сцената за да се избегне непријатна ситуација на гламурозниот црвен тепих.
Според Page Six, продуцентите на церемонијата дури размислуваат целосно да се откажат од црвениот тепих, за настанот да не изгледа како несоодветна прослава во време кога во Блискиот Исток е во тек воената операција „Epic Fury“.
Според истиот извор, тепихот првично требало да биде украсен со јапонски јавори, кои симболизираат мир и долговечност, но сега прашањето е дали таквата декорација воопшто би била соодветна во сегашната ситуација.
Сепак, бројни извори од Холивуд тврдат дека засега нема промени во плановите за црвениот тепих, иако организаторите се свесни за чувствителноста на моментот.
– Тие ги разгледуваат апсолутно сите можности и како сè би можело да изгледа во различни сценарија… Сигурен сум дека размислуваат што е соодветно во овој момент, многу се чувствителни на целата ситуација – вели еден извор, пишува Page Six.
Дополнителна димензија на целата приказна ѝ дава и фактот дека меѓу овогодинешните номинирани за Оскар има три ирански автори. Меѓу нив се режисерот Џафар Панахи, номиниран за филмот „It Was Just an Accident“, како и Сара Хаки и Мохамадреза Ејни, режисери на документарниот филм „Cutting Through Rocks“.
Изворите, исто така, предупредуваат дека овогодинешниот црвен тепих би можел да биде особено чувствително место за познати гости. Актерите, нивните претставници, па дури и филмските студија се сè повнимателни кон прашања за политички и социјални прашања.
Слична ситуација наводно се случила и на доделувањето на наградите SAG, каде што некои медиуми беа позиционирани речиси на самиот излез од просторијата за интервјуа, поради што ги пропуштиле повеќето од номинираните. Во тоа време меѓу новинарите се рашири гласина дека медиумите што се занимаваат со политички и социјални прашања биле преместени во задниот дел од салата бидејќи организаторите стравувале дека на познати личности може да им бидат поставени прашања за конфликтот во Иран.
Претставниците на Академијата не ги коментирале овие наводи.