📽️ (ВОЗНЕМИРУВАЧКО) ТРОЈЦА МРТВИ ВО ПУКОТНИЦА ВО БАР ВО ТЕКСАС Напаѓачот ликвидиран во престрелка со полицијата

Три лица загинаа, а 14 се повредени во пукотница во бар во Остин, Тексас. Осомничениот напаѓач е убиен во престрелка со полицијата.

446

Најмалку три лица загинаа, а 14 се повредени во пукотница што се случила во саботата навечер во барот „Buford’s Backyard Beer Garden“, во забавната зона на Остин, во американската држава Тексас.

Пукањето се случило непосредно пред 2 часот по полноќ по локално време, во момент кога барот се затворал. Според официјалните информации, меѓу загинатите е и осомничениот вооружен напаѓач, кој бил убиен во престрелка со полицијата. Сите тројца биле прогласени за мртви на местото на настанот.

 






Од 14-те повредени, тројца се во критична состојба, изјавил шефот на службите за итна медицинска помош на округот Остин-Травис, Роберт Лукриц. Тој додал дека службите за итна помош биле повикани во 1:59 часот по полноќ и дека првите екипи пристигнале за помалку од една минута.

Шефицата на полицијата, Лиса Дејвис, на прес-конференција изјавила дека полицајците пристигнале на 6-та улица и затекнале маж со вперен пиштол кон нив.

„Тројца од нашите полицајци возвратија на оган и го неутрализираа осомничениот“, рече Дејвис, додавајќи дека брзото затворање на баровите помогнало за навремена реакција.

Градоначалникот на Остин, Кирк Вотсон, го пофали, како што рече, херојскиот одговор на службите за спроведување на законот, оценувајќи дека нивната интервенција спасила животи.

Популарниот бар се наоѓа на 6-та улица, во близина на University of Texas at Austin. Станува збор за голем ноќен клуб со капацитет до 700 гости, кој нуди повеќе содржини за забава, меѓу кои кошаркарски игри, скибол, видеоигри и сцена за настапи во живо.

 

Според објави на социјалните мрежи, посетителите танцувале и уживале во последните песни на музички изведувач на преполниот подиум непосредно пред да одекнат истрелите.

Идентитетот на напаѓачот засега не е објавен, а мотивот за нападот останува непознат. Истрагата е во тек, а властите најавија дека повеќе информации ќе бидат соопштени во текот на денот.

„Нашите срца се со жртвите на овој напад. Ова е ситуација во развој и ќе ја информираме јавноста штом има нови детали“, изјави градоначалникот Вотсон.

Поврзани содржини