ЗНАМ ПРЕДЛАГА ЕДНА ИЗБОРНА ЕДИНИЦА СО ИЗБОРЕН ПРАГ ДО 3 ОТСТО Да се намали бројот на пратениците на 90
Намалувањето на бројот на пратеници ќе придонесе за рационализација на трошоците, а ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, вели потпретседателката на движењете ЗНАМ, Весна Бендевска.
ЗНАМ се залага да се воведе една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и на независните пратенички листи, рече потпретседателката на движењете ЗНАМ, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство.
Таа ја потврди заложбата на ЗНАМ за суштински и системски измени на изборниот модел во Македонија.
– Една изборна единица, всушност, беше и барање во одлуката на Уставниот суд – истакна Бендевска.
Таа нагласи дека цврст став на ЗНАМ е да се намали бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
– Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки, и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес – потенцираше Бендвска.
Во врска со гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и за ефикасноста на изборниот процес во странство.
– Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата – вели Бендевска.
ЗНАМ ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија, соопшти паријата.