ПОЛИЦАЕЦ СИ КУПИЛ „БМВ“ И СИ ГО ВОЗЕЛ БЕЗ ВОЗАЧКА Фатен втор службеник зад волан без положен испит
Внатрешната контрола поднесе кривична пријава, а возилото му е одземено по наредба на обвинител.
Нов случај на полициски службеник зад волан без возачка дозвола е откриен во Скопје, откако внатрешната контрола на МВР поднесе кривична пријава против А.Б.
Според информациите од полицијата, осомничениот, кој работи во обезбедувањето на Собранието, на 12 февруари годинава управувал лично патничко возило „БМВ“ на улицата 11 Октомври во Скопје без да има положено возачки испит, односно без возачка дозвола.
По наредба на јавен обвинител, возилото му било одземено, а Одделот за внатрешна контрола покренал и постапка за утврдување дисциплинска одговорност.
Ова е втор ваков случај во краток период. Претходно, кривична пријава заработи и полицаецот Ѓ.К., исто така од Одделот за заштита на определени личности и објекти, кој на 6 февруари на улицата Даме Груев во Скопје бил фатен како управува „сеат алтеа“ без возачка дозвола.
Според наодите од контролата, тој возел без да ги почитува сообраќајните правила и со безобѕирно однесување ја загрозил безбедноста во сообраќајот.