ПОРАДИ СТРАОТНО СВЛЕЧИШТЕ КАЈ ЌАФАСАН СЕ КОРИСТИ ПРЕМИНОТ БЛАТО Камионите пренасочени преку Дебар
Генералниот директор на Царинската управа на Албанија нагласи дека наишле на целосно разбирање кај надлежните македонски власти за што изрази голема благодарност.
Поради големо свлечиште и оштетувања на коловозот, како и оштетувања и поместување на мостот, на делницата Либражд – Прењас, кои се дел од Коридорот VIII, сообраќајот од преминото „Ќафасан“ кон Албанија е блокиран од неделата, поради што голем број камиони се заглавени на преминот.
Додека не се подобри состојбата на патниот правец граничен премин Ќафасан – Елбасан, делница Либражд – Прењас, одлучено да се користат алтернативни гранични премини, информираше генералниот директор на Царинската управа на Албанија, Бесмир Беја.
– Стоката што влегува на албанска од македонска територија или од други земји преку овој премин, ќе се обработува преку царинската испостава на граничниот премин Блато кај Дебар. Преземени се сите потребни мерки за задоволување на логистичките потреби и зголемување на царинскиот персонал, со цел справување со зголемениот проток и што побрзо завршување на царинските процедури – рече Беја.
Тој нагласи дека, по контактите со надлежните македонски власти, наишле на целосно разбирање за решавање на ситуацијата.
– Голема благодарност до македонските власти за разбирањето околу надминувањето на ситуацијата. Сакам да напоменам дека македонската страна ќе дозволи премин на натоварени камиони или приколки низ контролниот пункт Блато од 12 часот до 22:00 часот секој ден, додека нетоварени камиони ќе можат да циркулираат 24 часа. На овој царински пункт македонската страна не дозволува премин на прехранбени производи од животинско потекло и нафтени производи, категории што мора да поминат низ Косово – нагласи Беја.