ОНЛАЈН НАЈМНОГУ КУПУВАМЕ ОБЛЕКА Но, по онлајн плаќање мобилни услуги сме далеку над европскиот просек

Асоцијацијата за е-трговија направи споредба на онлајн купувањето во Македонија и Европа.

370

Македонските  граѓани онлајн-купувачи најмногу купуваат облека и плаќаат претплати за интернет и мобилни услуги, но мал дел од нив купува храна, електроника и апарати за домаќинство – покажува прегледот на е-трговијата во Западен Балкан за 2025 година, изработен од Асоцијацијата за е-трговија, во кој се споредуваат со податоците од Евростат, за првото тримесечје од 2024 година.

Според овие податоците, 63,2% од македонските интернет-корисници купуваат онлајн, што ја позиционира земјава подобро од другите балкански соседи, освен Србија (65%), но сепак е под европскиот просек од 76,6%.






Речиси 74% правеле нарачки за облека, обувки и модни додатоци, што ја прави модата убедливо најдоминантната категорија, со што државата е над европскиот просек.

Само 7,7% од македонските онлајн-купувачи нарачуваат лекови или додатоци во исхраната, како што се витамини, наспроти 48,3% во Шведска и 36,6% во Грција. Исто така, онлајн-купувањето електроника и апарати за домаќинство е исклучително ниско, само 2,3%, а храната и пијалаците ги купуваат онлајн само 7,6% од купувачите

За разлика од нарачките во категоријата мода, купувањето други производи од страна на македонските интернет-купувачи останува значително ограничено, односно 25,3% купиле спортска опрема, 21,8% козметика, убавина или велнес-роизводи, мебел, 12,4% домашни и градинарски производи, 11,4% купиле компјутери, таблети, мобилни телефони или додатоци, а 9,1% детски играчки и производи за нега на деца. Особено ниска е застапеноста на онлајн-купувањето кај средствата за чистење и лична хигиена (7,9%), лековите и додатоците во исхраната (7,7%), храната и пијалаците (7,6%), како и електрониката и апаратите за домаќинство (2,3%).

Во делот на услугите, 44,1% од онлајн-купувачите платиле интернет или мобилни услуги онлајн, речиси двојно повеќе од европскиот просек од 22,4%. Исто така 33,7% платиле комунални услуги, исто така надминувајќи го европскиот просек од 13,2%, 18,3% од интернет-купувачите направиле резервација за транспорт, 15,5% за хотели, а платените дигитални содржини остануваат слабо застапени, со само 1,4% претплати за музички стриминг.

Поврзани содржини