ЕУ почувствува дека ветото болело, ама на Македонија „нежно” ѝ го става и понатаму
Прашањето повеќе не е дали Унијата треба да се реформира, треба сигурно, туку пред тоа дали конечно ќе си признае дека правилата, правдата и принципите не можат да важат само кога ѝ одговараат.
Македонија со години и години страда од вета добиени од земји членки на ЕУ. Од Брисел не уверуват дека тоа е нивно право кое мора да го прифатиме и да угодиме на тие што не кочат. Ама, во последно време внатре во ЕУ почнаа државите да си ставаат вета за други одлуки и сега види мајката – ветото било „злоупотреба”.
Последно такво кукање во Брисел се случи вчера кога министрите за надворешни работи на ЕУ не ја усвоија планираната одлука за заем на Украина од 90 милијарди евра како и намерата да се „бапне” нов пакет санкции против Русија. Унгарија и Словачка рекоа „стоп”, и на Брисел му се крена коса на глава од ветото.
Истите луѓе кои ни велеа низ годините дека ветото не е страшна работа и може да се тргне некогаш во иднината, сега вриштаат на сет глас за „проблем”, „самоволие” „парализа”. Кога Македонија беше блокирана со вето, тоа беше „европска процедура”. Кога ЕУ самата се блокира, тоа било недозволиво.
Македонија триесет години живее под ЕУ вето. Прво грчко – за знамето, па за името… Знамето се смени, името се смени, Уставот се смени, државата се преименува. Наместо крај на блокадите, следуваше француско „не”, нови методологии, нови условувања, па бугарско вето со барања што не ги поставува дури ниту окупатор на окупирана земја.
И пазете, сега кога премиерот Христијан Мицкоски не клечи како претходните премиери, туку ги прашува во Брисел – има ли крај ова со ветата – добива одговор дека тоа никој не може да му го гарантира и дека тој само мора да угоди на тие што ги ставаат ветата и да чека што ќе биде понатаму.
Сега, кога се во прашање други теми, други држави, одеднаш велат нема потреба да се чека, време е да се заобиколи ветото особено ако доаѓа од Унгарија. Чудо. Бугарија може да става вета, ама Унгарија не можело. Но, јасно е, Македонија е таа што е исклучокот, ако реши на пример Унгарија да ни става нам вета – тогаш тоа Брисел ќе го поздрави, а не да го критикува или заобиколува. Тогаш никој во ЕУ не би зборувал за злоупотреба на принципот на едногласност. Едноставно, Македонија е боксерска вреќа каде може секој да вежба – вето – ама, кога е за други работи Брисел увидува дека ударите болеле.
Па, одеднаш во ЕУ почнаа повици на реформа на гласањето за да се спречи „злоупотребата на принципот на едногласност”. Значи, кога ветото ја попречува бриселската агенда, тогаш треба да се менуваат правилата. И? Кога ќе ги сменат, ако ги сменат, за нас во Македонија кое правило ќе важи, новото дека нема едногласност или за нас ќе остане старото правило – кој сака вето може да ни стави? Впрочем, гледаме и сега кога се погласно се зборува дека неколку земји можеби ќе бидат примени во втората ЕУ – лига и за нив ќе важат две обврски: ускладување на надворешната политика со онаа на ЕУ, како и човековите права, за Македонија пак има едно плус бараење – да го смени и Уставот.
Затоа, прашањето повеќе не е дали Унијата треба да се реформира, треба сигурно, туку пред тоа дали конечно ќе си признае дека правилата, правдата и принципите не можат да важат само кога ѝ одговараат.