📽️ ТОПКА СОБОРИ ГАЛЕБ СРЕДЕ НАТПРЕВАР Фудбалер со херојска реакција го врати во живот
Фудбалска топка удри галеб на меч во Истанбул, а брзата реакција на капитенот спречи трагедија на теренот.
Редок и трогателен момент го одбележа финалето на аматерската лига во Истанбул, кога фудбалска топка удри галеб, а фудбалерите со брза реакција успеаја да му го спасат животот.
Инцидентот се случил во 22 минута од плејоф финалето од Првата аматерска лига во Истанбул, одигран во Зејтинбурну, каде што се соочија Мевланакапи Гузелхисар и Истанбул Јурдум Спор. Голманот на Истанбул Јурдум Спор, Мухамет Ујаник, при расчистување на топката ненамерно погодил галеб во лет, по што птицата паднала на теренот.
Ујаник изјави дека првично не сфатил што се случило.
– Се шокирав кога видов дека станува збор за живо суштество – рекол голманот.
Прв до птицата стигнал капитенот Гани Катан, кој веднаш забележал дека галебот не дише нормално. Без формална обука за прва помош, тој започнал со компресии на градите.
– Инстинктивно реагирав. Сакав да му помогнам – изјави Катан.
По околу две минути, птицата покажала знаци на живот. Почнала да ги движи нозете и очите. Фудбалерите ѝ дале вода, по што галебот бил предаден на медицинскиот персонал.
Медицинскиот тим утврдил дека галебот има повреда на крилото и моментално не може да лета, но е жив и под третман. Се очекува закрепнување.
Коментаторот на преносот во живо, Онур Озсој, рече дека сцената предизвикала огромно внимание кај гледачите.
– Ова е нешто што ретко се гледа на фудбалските терени – изјави тој.
Иако Истанбул Јурдум Спор го загуби натпреварот и шансата за титулата, Катан порача дека спасувањето на птицата било поважно од резултатот.
– Го пропуштивме првенството, но спасувањето живот е поважно од титулата – рече капитенот.