…И после дојдоа Германците … и така пропадна НИП „Нова Македонија“ на Панде Колемишевски

После три децении, со рециклирање стари, но и со нови лаги и измислици, Панде Колемишевски кај Васко Ефтов се труди да си објасни како успеа малата новинарска екипа на „Дневник“, поддржана од „странски служби“ и од „длабоката држава“, да ја сруши неговата медиумска „империја“. И не успева Панде да си го објасни тоа. Кој друг и да беше на чело на онаа фирма со илјадници квадрати деловен простор и со огромна инфраструктура и богатство, немаше да дозволи да пропадне. А на Панде му пропадна. И денес во тие згради нема ни „н“ од новинари и од новинарство. Тажно е тоа, многу тажно...

839

Во падот на некогашниот медиумски гигант НИП „Нова Македонија“, поранешниот директор Панде Колемишевски видел „свесно сценарио поддржано од странски служби и од домашни политичари како Љубомир Фрчкоски“, тврди порталот Во Центар на Васко Ефтов, најавувајќи го „ексклузивното“ интервју со некогашниот медиумски магнат, во кое наводно се откривало „како е формирана длабоката држава“ во Македонија.

После ваквата спектакуларна најава на Ефтов – според која Колемишевски тврдел дека весникот „Дневник“ бил проект финансиран од Сорос и од германска фондација, со единствена цел економско уништување на „Нова Македонија“ и разбивање на „асномскиот код“ на државата – морав да седнам да ги изгледам последните минути од тоа интервју, посветени на „длабоката држава“ во медиумите. И за жал, со сета почит кон мојот поранешен уредник Колемишевски, чии колумни сега со задоволство ги читам, морам да го кажам следново – повеќе лаги собрани во десеттина минути и толку плитки приказни одамна немам слушнато.






За волја на вистината, не е ова прв пат Колемишевски да ни ја продава истата фејк-приказна за причините за пропаѓањетоа на неговата „империја“. И не е прв пат да ги спомнува Љубомир Фрчкоски и Ѓунер Исмаил како „домашни политичари“ кои наводно работеле на негово уривање (сега нов во приказната е Јане Миљовски). Но, чинам дека ова е прв пат Колемишевски толку длабоко да навлезе во филмот дека тоа било работа и на некои опасни „странски служби“.

Е тука јас сум главен лик: Панде тврди дека пред формирањето на „Дневник“ во 1994 година (и тоа не е точно, „Дневник“ е формиран март 1996 година), јас сум бил на „специјална обука“ во Лондон. Лут поради тоа што Лондон не го прашал него кого да прати на таква обука, Панде седнал и на британскиот амбасадор му напишал протестно писмо (Колемишевски го нарекува „указ“, бидејќи императорите, нели, укази пишуваат), на што амбасадорот му одговорил дека тоа не било негова работа.

Јас британскиот „специјалец“ и другите од „длабоката држава“

Од почит спрема „императорот“ Колемишевски, кон моите некогашни соработници во „Дневник“ и особено од почит кон нашето огромно читателство, одлучив сосема накусо да ви ги соопштам фактите за раѓањето на дневниот весник „Дневник“ и да ги разобличам лагите што повторно ги рециклира, а сега и ги збогатува поранешниот директор на НИП „Нова Македонија“.

За почеток, мора да нагласам дека не постојат никакви „странски служби“ и никакви „домашни политичари, како Љубомир Фрчкоски, Ѓунер Исмаил и Јане Миљовски“, кои наводно ковале некакво „сценарио за уништување“ на империјата на Колемишевски. Неспорно е дека Фрчкоски и Исмаил дадоа значаен придонес во формирањето на првиот независен дневен весник „Дневник“, но не со пари или со притисоци за уривање на Колемишевски, туку со морална и политичка поддршка во владата на Бранко Црвенковски, за проектот кој значеше плурализација на печатот во Македонија. Фрчкоски и Исмаил се живи и здрави и за тоа можат и јавно да посведочат.

Најкомична од сè е Пандевата приказна за некаква германска фондација, која наводно ги направила и печатницата „Европа 92“ во Кочани и весникот „Дневник“. Колемишевски дури раскажува и за некакви Германци, кои наводно доаѓале во Кочани и ги монтирале машините. За да не се потпирам само врз сопствената меморија, таа опасна измамничка, ги подраспрашав малку моите колеги со кои го основавме „Дневник“, а го прашав и сопственикот на „Европа 92“. И јас така паметам, но сега е и потврдено – немало никакви Германци ни при формирањето на „Дневник“ (тоа го знам и јас), а ни при подигањето на печатницата во Кочани.

Со чии пари е формиран „Дневник“?

Познато е како и со чии пари е формиран „Дневник“. Проектот беше поддржан со бескаматен кредит добиен од Соросовата фондација во Македонија, со залагање на директорот Владимир Милчин, исклучително битна фигура за основањето на повеќе независни медиуми во Македонија. Тројцата основачи на весникот сме Миле Јовановски, Александар Дамовски и јас, Бранко Героски.

Патем речено, тој кредит одобрен во вредност од околу 140.000 тогашни германски марки (целиот неповлечен) беше обезбеден со хипотека врз станот на Дамовски. Покрај тој кредит, проектот беше грантиран со два многу помали гранта (ниту еден од двата не беа од германски извори), со кои беа набавени компјутерската опрема и некои други неопходни нешта.

И тоа е се околу „финансиската конструкција“ со која беше создаден „Дневник“. „Странски служби“ и „германски фондации“ има само во приказните на Панде Колемишевски. Дали тој се збунил мислејќи на американскиот инвестициски фонд СЕАФ Македонија, тоа не знам, но факт е дека тој фонд не го грантираше проектот, туку од седумте сопственици новинари и уредници (на тројцата основачи подоцна им се придружија Владо Богоев, Бојан Кицуровски, Милорад Стојмановски и Злате Лозановски) откупи нешто повеќе од една третина од уделите и стана осми сопственик, со најголем поединечен удел. Неколку години по основањето на „Дневник“ и по големите деловни успеси, германскиот медиумски концерн ВАЦ го купи весникот (како и весниците „Утрински весник“ и „Вест“). Што се случуваше понатаму со „Дневник“, тоа е веќе друга приказна.

Беспрекорното досие на „Дневник“

Покрај тоа што даночните власти за време на владеењето на владата на Црвенковски прописно го „тресеа“ нашето издавачко претпријатие „Круг“, издавачот на „Дневник“, при спомнатите две клучни аквизиции на уделите на издавачот, купувачите (СЕАФ и ВАЦ) инсистираа на многу темелни и сериозни финансиски ревизии од реномирани странски ревизорски куќи. Во сите тие инспекции и ревизии, експертите не пронајдоа дамка во досието на „Дневник“. Причината за тоа е многу едноставна – немаше такво нешто.

„Дневник“ беше единствениот македонски влијателен медиум формиран од новинари и беше и уредуван и менаџиран од новинари, барем во неговите златни години. Нема друг таков влијателен и успешен традиционален медиум во нашата историја, со исклучок на „Фокус“ на Никола Младенов.

Наведов многу имиња на луѓе кои се живи сведоци за сево ова што го зборувам и секој од нив може да ја демантира лагата дека создавањето на „Дневник“ било „сценарио“ за наводно уништување на НИП „Нова Македонија“ и за некакво „разбивање на асномскиот код“ на државата. Божем тој „асномски код“ бил во сопственост на Колемишевски, па „дневниковци“ добиле задача од „странските служби“ и од „длабоката држава“ да го разбијат.

Жалам што наспроти сета моја почит кон Колемишевски, морам да констатирам дека тој наратив е – обична глупост!

„Тајната“ на успехот на „Дневник“ што Колемишевски никогаш не ја разбра

Колемишевски и ден-денес не може да сфати дека појавата на „Дневник“ беше резултат на природната потреба за плурализација на печатот во Македонија, во време на апсолутна доминација и апсолутен монопол на изданијата на НИП „Нова Македонија“, во негово време приватизиран орган на тогаш веќе непостоечкиот ССРНМ (Социјалистички сојуз на работниот народ на Македонија). Пред „Дневник“ се појави дневниот весник „Република“, но тој згасна по неколку месеци, во околности кои не ми се дозволно познати за да сведочам. Беше јасно дека НИП „Нова Македонија“ нема да остане сама на пазарот, но не се знаеше дали ќе пропадне.

Проектот „Дневник“ успеа од повеќе причини. Воведовме иновативна уредувачка политика и овозможивме јавна промоција на политичкиот плурализам. Освен тоа, цела една група независни и познати јавни личности почнаа да пишуваат колумни и слободно да ги изразуваат своите мислења на страниците на „Дневник“. Никој никогаш немал таков колумнистички дрим-тим! Во известувањето, ги раздвоивме фактите од мислењата и воведовме модерни журналистички стандарди, дотогаш непознати во НИП „Нова Македонија“. Бевме малубројна редакција, но технолошки многу понапредна од претрупаните редакции на Колемишевски. Најважно од сè, бевме орни за борба. Не бев само јас „специјалец“, имаше меѓу нас многу такви.

Деловната политика на „Дневник“ беше посебен успех. Се водеше одлучно и со храбри потези. Таков потег беше намалувањето на цената на весникот на 5 денари за примерок. Додека во империјата на Колемишевски како шамани заседаваа и се обидуваа да разберат што се случува и колку ќе трае таа наша „војна со цените“, а некои други хејтаа дека сме станале „петпаречки“ весник, „Дневник“ ги освојуваше срцата на читателите, кои секое утро брзаа да го купат својот примерок кај колпортерите и на другите продажни места. Чекор по чекор, ја освоивме и наклонетоста на бизнис-заедницата, па огласувачите бараа простор повеќе за своите реклами на страниците на „Дневник“. Резултатот на тие успешни политики и на деловен и на уредувачки план беа огромните тиражи, високите профити и силното јакнење на брендот на „Дневник“.

Неколку години по појавата на весникот, тоа резултираше со успешната продажба на „Дневник“ на германски ВАЦ, за цена од 5 милиони евра. Другите два дневни весника заедно беа купени по таа цена. Ниту еден македонски медиум пред „Дневник“ и после „Дневник“ не достигнал таква цена на реалниот пазар!

Зошто пропадна империјата на Колемишевски?

А зошто пропадна НИП „Нова М;акедонија“ на Панде Колемишевски?

Па ете, ако не ве мрзи, преслушајте ја сами неговата приказна кај Васко Ефтов. Додека ние – заедно со „странските служби“, со „германските фондации“, со „домашните политичари“ и со сите други ѕверки од „длабоката држава“ – сме се мачеле да правиме добар весник, тиражи и пари, челните луѓе на НИП „Нова Македонија“ работеле на чување на „асномскиоот код“ од нас лошите, решавале кој треба да биде претседател или премиер а кој не, ги „насочувале“ работите во вистинската насока и бистреле висока политика. Накусо, драпале мадиња!

Пропаста на НИП „Нова Македонија“ беше резултат на отсуството на било каква сериозна размисла кај раководството на чело со Колемишевски, дека тој медиумски мастодонт мора да се трансформира, да се плурализира, внатрешно да се реформира, да ги прифати новите околности на пазарната економија и да заземе централна, но не и монополска позиција на пазарот. Наместо тоа, таа новинска куќа вршеше притисок врз владата на Црвенковски да најде начин да го затвори „Дневник“. Под таков притисок, во еден момент, таа влада ги казнуваше дури и колпортерите на „Дневник“ затоа што божем го „загрозувале“ сообраќајот на улиците. Знам дека ова звучи неверојатно, но е жива вистина – дури и така се правеше обид да се спаси „империјата“ на Колемишевски.

Како може новинска куќа со толкаво богатство да пропадне?!

Дали можеше НИП „Нова Македонија“ да се спаси од пропаѓање? Секако дека можеше. Ама требаше „под свое“ да ја земеме Миле, Сашо и јас. Суетен сум, да, но не се шегувам кога го велам ова. Добро, можеше да ја земе и некој друг, но само под услов да сака да ја реформира новинската куќа и да работи пазарно.

Не знам дали некому денеска му е јасно со што располагаше „империјата“ на Панде Колемишевски пред распаѓањето. Јас ќе ви кажам: зградата од 14 ката во која сега има куп министерства и државна администрација; зградата во која беше Халкбанка, а во тоа време беше зграда на маркетингот на НИП-от; зградата во која сега е Европскиот универзитет, а тогаш беше печатницата; модерна машина за печатење (купена ганц нова во 1980-тите години) со можност за истовремено печатење на два весника; околу 500 трафики на ударни локации во цела Македонија – да редам ли уште?

Па како може фирма со таков огромен капитал, со такво богатство, со илјадници квадрати деловен простор, со таква инфраструктура, едноставно да пропадне?! Како е тоа воопшто можно?!

Нека извини другарот Панде, не јас и моите колеги од „Дневник“, туку деца од прва година на факултет да беа на чело на една таква неверојатна машина, таков гигант граден со децении со народни пари, немаше да пропадне. Таман сите странски служби на овој свет да се беа здружеле да ја урнат НИП „Нова Македонија“, немаше да пропадне. А пропадна…

Не е ли ова срамно?

Тоа е она што Колемишевски не може да си го прости себеси, па сака да ни го натовари „на врат“ на нас од „Дневник“, посебно на мене „специјалецот“ од Лондон, бездруго и на Фрчкоски и на Ѓунер Исмаил, а задолжително и на Владе Милчин, за кого дополнително Колемишевски лаже дека на „Слободен печат“ му дал 500.000 евра (Панде изгледа има проблем со нулите, во случајот станува збор за грант од 50.000 евра).

Јас разбирам дека некој – Васко Ефтов, на пример, заради гледаноста на неговото шоу – има интерес јавно да се пласираат вакви недугавости, при толку живи сведоци кои можат да ги демантираат сите измислици на Колемишевски. Ама пне го разбирам Пандета. Па личи ли бре на таа возраст човек вака безочно да лаже?

Не дека е пресудно важно, но некој кој исто како мене бил во истата „новинар визитинг“ програма во списанието „Вор рипорт“ во Лондон (како колешката Јасмина Миронски, на пример), знае дека таа „обука“ трае два, а не девет месеци. И дека тоа е новинарска обука, а не некаква обука за „специјалци“. Како можел Панде да помисли дека тоа е нешто налик на обука во специјалните единици САС? Како можел да му напише онакво глупаво писмо на британскиот амбасадор, па згора и да се фали со тој гаф? Како може да инсинуира дека има нешто сомнително во врска со моето повредување за време на настаните во тетовска Мала Речица во 1995 година, каде што бев репортер на „Вечер“ претепан од македонски полициски специјалци? Дојде ли тогаш мојот директор во болница да ме посети и самиот да утврди што е што?

На крајот, морам да кажам дека не го изгледав и нема да го изгледам остатокот од интервјуто на Колемишевски кај Васко Ефтов. Разичаран сум. Ако за десет минути човекот надробил толку лаги за нешта за кои сум бил и актер и сведок, за нешта што можел да ги провери кај многу извори од прва рака, како ли треба да го примам она што некогашниот медиумски „император“ и Ефтов ни го раскажуваат за „длабоката држава“ во Македонија?

Срамота!

Поврзани содржини