📷 ГЕРМАНИЈА ДОНИРА ОПРЕМА ОД 600.000 ЕВРА НА МВР Модерни возила и термовизиски камери за побезбедни граници
Министерството за внатрешни работи ја прими донацијата од Германија во вредност од 600.000 евра – моторни возила, термовизиски камери, компјутери и форензички уреди.
Министерството за внатрешни работи денеска ја примило вредната донација од Сојузна Република Германија, во присуство на амбасадорката Петра Дрекслер, со што уште еднаш се потврди силното партнерство и меѓусебната доверба меѓу двете земји.
Станува збор за опрема во вредност од околу 600.000 евра, која вклучува моторни и специјални возила, термовизиски камери, компјутери и софтвери, како и уреди за проверка на документи. Според министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, оваа донација ќе придонесе директно за поефикасна заштита на границите, поуспешна борба против организираниот криминал, трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти, како и за унапредување на форензичките капацитети на МВР.
– Оваа донација не е само материјален придонес, туку и порака дека Германија стои рамо до рамо со Македонија во обезбедувањето сигурност и стабилност за нашите граѓани. Преку заедничките обуки и размената на искуства градиме модерна, професионална и европска полиција – истакна Тошковски.
Министерот додаде дека со новата опрема, полицијата ќе може уште поефикасно да реагира во сите сегменти на своето работење.
– Станува збор за современи технологии кои ќе ги унапредат нашите капацитети, особено во контролата на границите, идентификацијата на криминални групи и борбата против криумчарењето луѓе. Нашата цел е да ги заштитиме граѓаните и да ги унапредиме институциите на државата – рече тој.
Амбасадорката Петра Дрекслер потенцираше дека Германија континуирано ја поддржува Македонија во обезбедувањето безбедност и стабилност, како и во развојот на професионалните капацитети на полицијата.
Министерот Тошковски уште еднаш изрази искрена благодарност до Сојузната полиција на Германија и до Амбасадата на Германија за континуираната поддршка, потенцирајќи дека заедничките активности ќе продолжат и во иднина за јакнење на безбедноста и институциите на земјата.