ВРЕМЕ Е ЗА ВИЗИЈА, ХРАБРОСТ И ИНТЕГРИТЕТ Ковачки повика на нова енергија во 76 општински комитети

Партијата започнува генерален реизбор на општинските комитети и униите, јавниот повик е објавен на официјалната страница.

345

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, во видео-обраќање до членството информираше дека партијата започнува генерален реизбор на претседатели на 76 општински комитети, како и на раководствата на Унијата на ветерани, Унијата на жени и Унијата на млади сили.

Одлуката, како што посочи Ковачки, била донесена на првата седница на Извршниот комитет.






– ВМРО-ДПМНЕ е жива структура која постојано расте, се надградува и се развива. Ние сме победничка партија затоа што сме отворени за нови идеи и нова енергија – изјави Ковачки.

Тој упати повик до сите членови кои сметаат дека имаат визија, знаење и капацитет да придонесат во развојот на партијата и државата да се пријават на јавниот оглас.

– Потребни се луѓе со интегритет, кои ќе обединуваат и ќе го сплотат членството, луѓе што одговорно и посветено ќе учествуваат во креирањето политики за подобар и поквалитетен живот на сите граѓани – нагласи Ковачки.

Пријавувањето е отворено за сите членови на партијата најдоцна до 19 февруари, а јавниот повик е објавен на официјалната интернет-страница на ВМРО-ДПМНЕ.

Ковачки порача дека процесот претставува можност за секој поединец кој сака активно да се вклучи во носењето одлуки и во организациското зајакнување на партијата.

– Вратите се отворени за секој кој сака да биде дел од тимот кој победува. Сега е време да се вклучите и заеднички да делуваме – за доброто на ВМРО-ДПМНЕ и за доброто на Македонија – истакна тој во обраќањето.

Поврзани содржини