БРАЌАТА ВИНКОВИЌ ВО ПРИТВОР, ТРЕТИОТ ТЕПАЧ ОД РИЈЕКА ВО БЕГСТВО Го држев во раце облеан со крв, вели мајката на 16-годишникот
Еден од тројцата напаѓачи на 16-годишникот во Риека е во бегство, додека двајца браќа се во притвор под сомнение за обид за убиство. Мајката сведочи дека го држела синот облеан во крв додека траел бруталниот напад снимен од надзорните камери.
Еден од тројцата напаѓачи на 16-годишинкот во Риека е во бегство, додека двајца завршија во притвор, пишуваат хрватските медиуми. Браќата Винковиќ се осомничени за обид за убиство. Мајката на претепаното момче за хрватски „Нови лист“ вели дека го држела во раце синот додека бил облеан со крв, обидувајќи се да го заштити.
– Имаше туркање и закани. Го држев синот и се обидов да го заштитам од нови удари. Насилството престана дури кога пристигнаа полицијата и брзата помош – додала мајката, која сè уште е во шок.
Нападот бил снимен од надзорни камери. Според локалните медиуми, тројцата млади мажи го удирале момчето со тупаници и го клоцале додека лежело на земја. Кога се обидело да избега, го притиснале на ѕид и продолжиле со тепањето.
Во нападот бил повреден и 20-годишен маж кој се обидел да му помогне на претепаниот тинејџер.
Полицијата потврдила дека осомничените се товарат за обид за убиство на 16-годишникот и за обид за нанесување тешки телесни повреди на 20-годишното момче.
Локалните медиуми објавиле дека напаѓачите се браќата Винковиќ. Јосип Винковиќ (29) и Тихомир Винковиќ (33) се во притвор.
Истражен судија при Окружниот суд во Риека го прифатил предлогот на обвинителството и одредил мерка притвор за Тихомир Винковиќ поради опасност од влијание врз сведоци и повторување на делото.
Јосип Винковиќ бил приведен еден ден претходно. Покрај опасноста од влијание врз сведоци и повторување на делото, судот навел и ризик од бегство, бидејќи има деловни врски со Германија.
Третиот осомничен брат, Домагој, е во бегство и по него се трага.
Повредениот 16-годишник претрпел сериозни физички повреди. Според лекарите, состојбата му е стабилна, но понатамошниот тек на лекувањето и евентуална операција сè уште не се утврдени.
Албанската заедница на Приморско-горската жупанија во петокот истакна дека неодамнешниот брутален напад во Риека врз малолетник, член на тоа национално малцинство, ги преминува сите граници на она што е прифатливо и претставува сериозно предупредување за целото општество.