ДРЖАВАТА ДОБИ ИМОТНИ ЛИСТОВИ ЗА 7 ВИЛИ ВО СКОПЈЕ И ВО ОХРИД Томовски смета дека е време Владата да купи нов блиндиран „мерцедес“ и нов авион

Директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски тврди дека се купени фискални сметки за бифињата и сега прометот се регистрира дневно, а е 300% повисок од порано.

2,598

Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) веќе легализирала и добила имотни листови за државните вили на Водно (две претседателски и една премиерска), како и за 4 вели во Охрид (претседателска и премиерска, и двете сместени во Свети Стефан), соопшти денеска директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски коментртирајќи го ревизорскиот извештај за ланската година кој го оцени како делумно точен.

Тој додаде дека е почната легализација и на останатиот имот со кој располага Службата.






– Ќе се формира и работна група која ќе работи на оваа проблематика и се надевам дека за брзо време ќе го решиме и тој проблем. Она што го имаме ќе знаеме дека го имаме, а она што го нема, ќе го нема – вели Томовски.

Тој не коментираше за големите залихи на стоки бидејќи Бирото за јавна безбедност во МВР води постапка за тоа по што заедно ќе излезат со соопштение.

Томовски тврди дека сите бифиња со кои управува Службата поседуваат фискални каси и дневно го регистрираат прометот.

– Затекнавме бифиња без фискални каси и прво што направивме беше да набавиме вакви каси. Сега регистрацијата на прометот е 300% повисока од порано – рече Томовски.

Во однос на забелешката на ревизорите за стариот возен парк и лизингот на возила во Службата, Томоски рече дека Службата располага со 45 нови возила на лизинг и 220 стари возила од кои над 104 веќе се расходувани, но поголем број и од другите се за расходување. Дел од нив се користат за организирање настани.

Томовски смета дека треба да се размисли за набавка на нов блиндиран „мерцедес“ кој ќе ги задоволува критериумите за превоз на високи функционери, бидејќи, како што рече, оној што го поседува Службата е стар иако го користела претходната влада, а дел од функционерите од претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ за тоа судски одговарале.

Томовски рече дека овој „мерцедес“ не ги исполнува современите критериуми за безбедност и можеби треба да се набави ново блиндирано возило.

– На пример, при посетата на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Охрид тој донесе сопствено блиндирано возило бидејќи ние немаме такво кое ги задоволува безбедносните протоколи – рече Томовски.

Томовски смета дека државата треба да набави и нов авион.

– Имаме премал авион кој често е на поправки. Размислуваме за набавка на поголем авион кој ќе може да се користи и за медицински превоз односно ќе биде со вградена медицинска опрема – рече Томовски.

Томовски тврди и дека сега во Службата има само двајца или тројца вработени преку агенција за привремени вработувања и најави нивно вработување на определно време.

Ревизорите во последниот извештај регистрираа повеќе пропусти во финансиското работење на Службата за општи и заеднички работи за 2024 година.

БИФЕТО ВО ВЛАДАТА НЕРЕДОВНО ИЗДАВАЛО ФИСКАЛНИ СМЕТКИ ВО 2024 ГОДИНА Ревизорите утврдиле дека владината служба била неажурна околу државниот имот

 

Поврзани содржини