ДОДЕКА НЕ РАСЧИСТИ СО ДВОЕЦОТ ЗАЕВ-ФИЛИПЧЕ СДСМ ОДИ ВО ПРОПАСТ За Горан Минчев СДСМ не бил само партија туку и емоција
За жал, СДСМ денес е окупирана партија од актуелното раководство, поточно од двоецот Заев – Филипче, кои се водат исклучиво од лични интереси, вели Минчев во интервју за неделникот „Фокус“.
За жал, СДСМ денес е окупирана партија од актуелното раководство, поточно од двоецот Заев – Филипче, кои се водат исклучиво од лични интереси. Сѐ додека ова раководство е на чело на партијата, СДСМ не оди кон обнова, туку кон политичка пропаст, вели во интервју за неделникот „Фокус“, генералниот секретар на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Горан Минчев, потенцирајќи дека ваквата оценка ја изнесува со политичка одговорност и со жалење, имајќи ја предвид историската улога што СДСМ ја имал во државата.
Тој оценува дека денешниот СДСМ суштински се разликува од партијата каква што била во минатото, посочувајќи дека во изминатата деценија го изгубила кредибилитетот кај граѓаните поради коруптивни практики, институционален клиентелизам и сериозни отстапки од националниот интерес.
– СДСМ за мене не беше само партија. Тоа е емоција. Тоа беше државотворна политичка сила во која искрено верував, во која политички растев и се залагав за социјална правда, силни институции и европска Македонија – вели Минчев.
Осврнувајќи се на можноста за евентуално обединување меѓу СДСМ и Движењето ЗНАМ, Минчев е дециден дека такво сценарио не е можно без вистинско соочување со минатото и преземање јасна одговорност.
– Не можете да се обедините со некого кој не се соочил со сопственото минато. Не можете да градите иднина ако старите практики сѐ уште се бранат, релативизираат или премолчуваат – истакна тој.
Според Минчев, ова не е прашање на лични односи, суети или политички калкулации, туку исклучиво прашање на принципи.
– Ова е прашање на принципи. А принципите или ги имаш, или ги немаш. Тие не се ставаат во заграда кога е тешко, ниту се тргува со нив кога политички одговара – порача Минчев.
Тој подвлекува дека Движењето ЗНАМ е формирано токму како одговор на одбивањето да се прифати корупцијата како „нормалност“ и клиентелизмот како „реалност“, со јасна цел – враќање на моралот, достоинството и одговорноста во политиката.