ИТАЛИЈА ЌЕ БИДЕ ГЛАВНИОТ МАГАЦИН ЗА РУДИ ВО ЕВРОПА Брисел, Вашингтон и Токио заедно ќе го стимулираат рударството за критични минерали

Според извори на Ројтерс, Унијата има сериозен план за складирање на резерви на критични минерали - Франција ќе работи на финансирање и набавка, Германија ќе се грижи за снабдувањето, а Италија ќе ја преземе одговорноста за складирањето.

78

Европската Унија интензивно продолжува со плановите за складирање на критични минерали, при што Италија, Франција и Германија се подготвени да преземат водечки улоги додека блокот се движи кон намалување на зависноста од Кина. ЕУ во декември откри план наречен RESourceEU за намалување на зависноста од Кина за клучни суровини. Кина е водечки извозник на индустриски метали и минерали, како галиум, германиум, бакар, антимон и ретки земни елементи.

Според извори на Ројтерс, Унијата има сериозен план за складирање на резерви на критични минерали – Франција ќе работи на финансирање и набавка, Германија ќе се грижи за снабдувањето, а Италија ќе ја преземе одговорноста за складирањето.






– Европската комисија активно соработува со неколку земји-членки на пилот-проект за зајакнување на складирањето на критични суровини во ЕУ. Моментално се вклучени 10 земји-членки – изјави портпаролот на Комисијата.

Листата на критични минерали на ЕУ вклучува 34 суровини, од кои 17 се означени како стратешки суровини, бидејќи се сметаат за најважни за зелената и дигиталната транзиција, како и за одбраната и воздухопловството.

Во меѓувреме од Брисел соопштија дека се еден чекор поблиску до договор за заеднички напори со САД и Јапонија за „зголемување на економската безбедност и националната безбедност“ преку обезбедување заедничко снабдување со критични суровини.

Во текот на следните 30 дена, се очекува ЕУ и двете земји да потпишат меморандум за разбирање за подобрување на синџирот на снабдување со критични минерали.

„Планираното партнерство ќе идентификува области на соработка за стимулирање на побарувачката и диверзификација на понудата за учесниците преку идентификување и поддршка на проекти во рударството, рафинирањето, преработката и рециклирањето“, се наведува во соопштението.

Високи претставници на ЕУ неделава присуствуваа на првиот „Министерски состанок за критични минерали“ во Стејт департментот во Вашингтон, каде домаќин беше државниот секретар Марко Рубио.

– Подготвени сме и имаме намера да соработуваме со секоја држава за да ја пронајде својата улога. Ако немате минерали, можете да помогнете во нивното рафинирање, а државите собрани тука ги вклучуваат најголемите потрошувачи на критични минерални производи кои, заедно, имаат куповна моќ да изградат поотпорен и поразновиден глобален пазар – изјави Рубио.

– Нашите економии зависат од овие критични минерали. Да ги направиме цените попредвидливи и помалку непредвидливи за да можеме да ги поддржиме домашните синџири на снабдување и инвестициите – истакна потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс.

Претходно, американскиот министер за внатрешни работи Даг Бургум изјави дека околу 30 земји сакаат да се приклучат на т.н. Клуб на сојузници и партнери за трговија со критични минерали и намалување на зависноста од Кина.

Наскоро се очекуваат нови средби на високи претставници на Вашингтон и Брисел на кои ќе се разговара за деталите од договорот. Неодамна од ЕУ истакнаа дека засилено ќе продолжат да помагаат стратешки проекти во рударството и да го забрзуваат издавањето на дозволи за експлоатација на руда. Тие најавија и дека ќе работат на наменски инвестициски рамки за синџири за критични минерални суровини со Украина, Западен Балкан и т.н. „Јужно соседство“.

Додека светот инвестира во изнаоѓањето на критични минерали, а Македонија изобилува со бакар, но и антимон и никел, македонското рударство продолжува во надолна линија. Последните податоци од Државниот завод за статистика покажаа дека индустриското производство расте, но истовремено единствено рударската гранка бележи огромен пад. Минусот во пресекот направен во ноември изнесуваше 4,7%, а во јануари достигна скоро 7%.

Поврзани содржини