ДВАЈЦА УБИЕНИ ВО НОВ АМЕРИКАНСКИ НАПАД ВРЗ БРОД ВО ТИХИОТ ОКЕАН Ова се вонсудски егзекуции, велат правните експерти
Според официјалните бројки, повеќе од 100 лица се убиени во нападите на американската војска вр бродови на отворено море, повикувајќи се на разузнавачки информации, дека превезуваат дрога.
Американската војска соопшти дека вчера погодила брод за кој се сомнева дека се занимава со трговија со дрога во источниот Тихи Океан, објави ДПА.
„Двајца наркотерористи се убиени во оваа операција“, соопшти Јужната команда на САД на социјалната мрежа „Х“.
„Бродот го користеле одредени терористички организации и пловел по познати рути за трговија со дрога“, соопшти командата.
Информацијата не може да се потврди независно, додаде ДПА.
Од почетокот на септември, американските сили постојано напаѓаат бродови во Карибите и источниот Тихи Океан за кои тврдат, повикувајќи се на разузнавачки информации, дека превезуваат дрога.
Според официјалните бројки, повеќе од 100 лица се убиени во овие операции. Американската администрација ги етикетира убиените како шверцери на дрога и „терористи“, но нападите предизвикаа остри критики. Експертите за човекови права на ОН изјавија дека операциите го прекршуваат меѓународното право и претставуваат вонсудски егзекуции.