ОТСТРАНЕТИ 2.765 КУБНИ МЕТРИ ОТПАД ОД ДИВИ ДЕПОНИИ Интензивна активност на „Комуналец“ во јануари

Најголемо количество непрописно одложен отпад – 400 кубни метри се подигнати во општината Центар, информира „Комунална хигиена“.

68

Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на јануари подигнале и транспортирале приближно 13.000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје, информира јавното претпријатие.

„Воедно, беа отстранети и 2.765 кубни метри непрописно одложен мешан комунален, кабаст и градежен отпад. Во рамките на активностите за отстранување диви депонии е интервенирано во сите скопски општини, а најголемо количество непрописно одложен отпад – 400 кубни метри се подигнати во општината Центар.






Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на јануари изготви вкупно 56 едукативни записници за претставници на стопанските субјекти и физички лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпадот. Најголем број на записници – вкупно 32 – се врачени во скопската општина Чаир“ – се вели во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.

Претпријатието наведува дека продолжува со одржување на јавната хигиена на булеварите, како и улиците што се во надлежност на Градот Скопје во сите скопски општини. Секојдневно, во три смени, се спроведува машинско и рачно метење на плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев”, и „Слобода”, како и на Старата скопска чаршија.

Поврзани содржини