Декаденција на западни елити одлепени од реалноста

Скандалите се нижат еден по друг. Во секој случај, американскиот претседател Доналд Трамп сега може да наздрави следејќи го развојот на настаните.

212

Димензиите на декаденцијата и алчноста, проследени со рамнодушност спрема слабите и немоќните, тешко можат да се објаснат со објективно поставени критериуми.

Норвешка беше земја со силен меѓународен имиџ на Нобеловата награда за мир и со кралска династија со голема популарност меѓу широките народни маси. Објавените нови досиеја на Епстин сега длабоко ја потресуваат таквата слика за Норвешка – до срж.






Поранешниот норвешки премиер и министер за надворешни работи, Торбјорн Јагланд, е под истрага за груба корупција, по новите откритија за неговите контакти со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин. Поранешниот високопозициониран политички лидер од редовите на социјалдемократската партија е осомничен дека примал подароци, луксузни патувања и заеми за време на неговите години како претседател на норвешкиот Нобелов комитет и генерален секретар на Советот на Европа.

Високите норвешки дипломати Терје Ред-Ларсен и неговата сопруга Мона Јул се исто така вмешани во скандалот, откако се дозна дека двојката го посетила островот на Епстин во Карибите и дека нивните деца требало да добијат неколку милиони долари во тестамент.

Контекстот на неморалноста и незаситноста се проширува. Всушност, овие сомневања, како што некои се обидуваат да забележат, ги прават контактите на норвешката крунска принцеза Мете-Марит со сексуалниот престапник Епстин делумно да изгледаат наивни и површни. Но само делумно.

Како воопшто може да се оправда нејзиното активно барање контакт со маж кој бил осуден за купување секс од малолетници. Судењето на Џефри Епстин започнало токму со 14-годишно девојче кое го обвини дека ја злоупотребувал.

Таквото однесување би ги натерало мнозинството жени да се повлечат и да ја прекинат комуникацијата со такви мрачни типови. Бидејќи секоја жена не заборава дека и таа била 14-годишно девојче, подоцна кога и самата има ќерки. А и затоа што самата помисла на постар маж кој прави недозволиви нешта со дете, би требало една нормална жена да ја исполни со гнасење.

Мете-Марит, сепак, решила да остане во контакт со Епстин, иако најверојатно била свесна за пресудата против него, дека во 2008 година бил осуден за купување секс од малолетници. Подоцна, по пребарување на Гугл, таа му напишала на Епстин: „Тоа не изгледа добро“ – проследено со „смајли“. Контактот продолжил, според објавените досиеја, уште неколку години.

Скандалот со Епстин длабоко во корен ги тресе и политиката и монархијата. Во земјата се продлабочува ментален пад како огромно свлечиште на јавната самодоверба, по објавувањето на новите досиеја минатиот викенд. Целата елита, почнувајќи од кралот Харалд Петти и премиерот Јонас Гар Сторе, веројатно се чувствуваат, најблаго речено, потресени.

Симболите на една силна и богата нација, скијањето и зимски спортови, кафеното сирење и вафлите, народните колоритни носии и популарните кралски палати, не одат заедно со сите неверојатни откритија за развратниот живот на џет-сетот на моќната елита, одлепена од овоземските димензии на реалноста.

За кралското семејство моментот на објавувањето на новите досиеја е најлошиот што можел да се замисли. Тоа се случува во исто време додека синот на крунската принцеза, Мариус Борг Хејби, ги поминува своите денови во Окружниот суд во Осло, обвинет, меѓу другото, за силување и насилство во блиска врска. Таканаречениот бонус принц е уникатен случај, отпадник во кралското семејство кој имал тешкотии да се снајде во сивата зона на славните. Но, неговата приказна на сосема јасен и мошне уверлив начин придонесува за засилување на приказната за новата норвешка декаденција.

Луѓето во демократиите, и тоа не само во скандинавските, често им се восхитуваат на оние кои се издигнати над нив врз основа на моќ и влијание. Без оглед дали го прават тоа поради сопствената искрена наивност, или, пак, од длабоко уверување во традиционално воспоставениот ред на нештата во општеството.

Ова особено се однесува за монархиите кои се засноваат на идејата дека восхитот е супериорен во однос на идејата за еднаквост. Затоа, сега во норвешките весници се поставува прашањето дали Мете-Марит може да стане кралица. Норвешкиот весник „Афтенпостен“ пишува дека она што сега се обелоденува, кога станува збор за пријателството на крунската принцеза со Џефри Епстин, е полошо од тоа што нејзиниот син е изнесен пред суд, осомничен за тешки кривични дела. Полошо е, бидејќи директно влијае на државата и нејзиниот углед.

Самата крунска принцеза се извини, укажувајќи на сопствена „лоша проценка“, нарекувајќи ја, сепак, дека била „срамна“. Но дали тоа може да ѝ помогне на норвешката монархија да се справи со бурата од незадоволство насочена кон неа?

Скандалите се нижат еден по друг. Во секој случај, американскиот претседател Доналд Трамп сега може да наздрави следејќи го развојот на настаните. Новите документи на Епстин не само што го прикажуваат предметот на омраза на движењето Мага – европската елита – како корумпирана и дегенерирана. Тие исто така ја оцрнуваат Нобеловата награда за мир, која апсорбираше толку многу од енергијата на Трамп откако се врати во Белата куќа. Тој отворено посакуваше да ја добие.

За време на кризата со Гренланд во јануари, Трамп му пиша на норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе дека повеќе не се чувствува должен да размислува исклучиво за мир. Претседателот Трамп, всушност, го обвини норвешкиот Нобелов комитет дека му ја одзел Наградата за мир.

Но, дел од сенката сепак паѓа врз Нобеловиот комитет во Осло под водство на Торбјорн Јагланд, кој му ја додели Нобеловата награда за мир на претходникот на Трамп, Барак Обама, по само девет месеци како претседател на САД. Ретроспективно, се покажа дека Белата куќа реагирала негативно на наградата. Според истражувањата на шведската телевизија, шефот на кабинетот на Обама му упатил сериозно предупредување на норвешкиот амбасадор во Вашингтон.

Колку и да е неправедно тоа спрема Обама, актуелните обвинувања против Јагланд значат дека одлуката за наградата за мир сега е уште повеќе оцрнета. Исто онака како што е затемнет хоризонтот над моралноста и веродостојноста на високата, супербогата кралска и политичка елита.

Моќници кои седат на пари додека го набљудуваат животот на обичните смртници. И едновремено зборуваат на каков начин треба да се „решаваат“ проблемите на малите и обесправените.

Поврзани содржини