ТРАМП ЗАСТАНА ЗАД ОРБАН И ТАКАИЧИ Јавна поддршка пред изборите во Унгарија и во Јапонија

Американскиот претседател преку „Трут соушл“ испрати пораки за поддршка до лидерите во Будимпешта и во Токио.

131

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска јавно ги поддржа унгарскиот премиер Виктор Орбан и јапонската премиерка Санае Такаичи, во пресрет на претстојните парламентарни избори во Унгарија и Јапонија.

Поддршката Трамп ја соопшти преку својата платформа „Трут соушл“ (Truth Social), каде што ги пофали односите меѓу Вашингтон и Будимпешта за време на неговиот мандат.






– Односите помеѓу Унгарија и САД достигнаа ново ниво на соработка и спектакуларни достигнувања под мојата администрација, во голема мера благодарение на премиерот Орбан – вели Трамп.

Парламентарните избори во Унгарија се закажани за 12 април, а Орбан се соочува со еден од најсериозните предизвици откако неговата партија Фидес дојде на власт во 2010 година. Според последните анкети, опозициската централно-десничарска партија Тиса има поголем рејтинг од владејачката Фидес, додека ултрадесничарската партија „Наша татковина“ би можела да обезбеди парламентарно претставување.

– Горд сум што го поддржав Виктор за реизбор во 2022 година и ми е чест што го правам тоа повторно – додаде Трамп.

Тој истовремено изрази и „целосна поддршка“ за јапонската премиерка Санае Такаичи, во пресрет на предвремените парламентарни избори во Јапонија, закажани за 8 февруари.

– Премиерката Такаичи заслужува силно признание за работата што ја извршува таа и нејзината коалиција – истакна Трамп.

Во Јапонија се одржуваат предвремени избори, а според прогнозите, владејачката коалиција предводена од Такаичи важи за фаворит за победа.

Поврзани содржини