ДЕСЕТИЦИ ТОНИ ЗАПЛЕНЕТА ДРОГА ЧЕКААТ ДА БИДАТ ОБЈАВЕНИ Мицкоски открива факти за случајот со марихуаната

Премиерот Мицкоски предупреди дека креаторите на политиките од минатото треба да одговараат за младите кои станале жртви на нелегалното пуштање на дрога во промет.

970

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва изјави дека случајот со петте тони дрога, кои завршиле во Србија и за кои српското обвинителство тврди дека потекнуваат од Македонија, е сериозен и очекува во текот на деновите Министерството за внатрешни работи да објави информации за десетици тони дрога која незаконски е пуштена во промет или складирана.

– Тоа е сериозен случај. Станува збор за проект кој во минатото го водеше претходната влада, доведувајќи голем дел од граѓаните и инвеститорите во заблуда дека така ќе станат милионери и дека сè ќе се случува поинаку, во рамки на економска трансформација. Тоа беше практично економската политика на владата на СДСМ и ДУИ. Очекувам деновиве МВР да излезе со десетици тони недозволени материи, дрога, марихуана, кои моментално се наоѓаат во складиштата во Македонија или преку одредени правни субјекти незаконски пуштени во промет, и тоа и во земјата, и надвор од неа – потенцираше Мицкоски во гостување во вестите на МРТ.






Премиерот додаде дека она што граѓаните ќе го слушнат за случајот ќе биде навистина катастрофално и дека креаторите на ваквите политики од минатото треба да бидат одговорни за многу млади луѓе кои станале жртви на овој начин на функционирање.

– Граѓаните ќе бидат сведоци на една многу тешка и мачна ситуација. Оваа акција трае со години и не сме можеле секогаш јавно да објавуваме бројки и податоци. Но, она што ќе го слушнат и видат овие денови ќе биде навистина нешто катастрофално. Сите креатори на тие политики треба да бидат одговорни за многу млади луѓе коишто, за жал, станале жртви на ваквиот начин на функционирање – нагласи Мицкоски.

Поврзани содржини