РУСИЈА ГРАДИ НУКЛЕАРКА ВО ЕУ Почна изградбата на нови реактори во Унгарија

И покрај правните спорови и одлуките на Судот на ЕУ, Русија и Унгарија продолжуваат со проширувањето на нуклеарната централа Пакс.

201

Руската државна корпорација за атомска енергија „Росатом“ денеска соопшти дека официјално започнала изградбата на новите реактори во нуклеарната централа Пакс во Унгарија.

„Излевањето бетон за темелите на зградата на реакторот го означува преминот на објектот во статус на ‘нуклеарна централа во изградба’, согласно стандардите на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ)“, соопшти Росатом.






Претходно, на почетокот на ноември, Унгарската агенција за атомска енергија ги издаде сите потребни дозволи за почеток на главните градежни работи. Со проектот е предвидено проширување на нуклеарната централа Пакс со изградба на два реактори од типот VVER, со инсталирана моќност од по 1,2 гигавати.

Работите на проектот уште во 2014 година беа доделени на „Нижни Новгород Инженеринг“, подружница на рускиот државен гигант Росатом.

Проектот, меѓутоа, подолго време е предмет на правни и политички спорови во рамки на Европската Унија. Кон средината на септември, Судот на ЕУ ја поништи одлуката на Европската комисија од 2017 година, со која беше одобрена унгарската државна помош за проширувањето на нуклеарната централа, наведувајќи дека не биле соодветно разгледани аспектите поврзани со јавните набавки и директното доделување на договорите.

Австрија уште во 2018 година поднесе тужба против Европската комисија пред Општиот суд на ЕУ, тврдејќи дека Комисијата требало да ги испита сите аспекти на унгарската државна помош. Виена тогаш тврдеше дека нуклеарната енергија не претставува решение за климатските промени и дека не е во заеднички европски интерес.

Иако првостепениот суд на ЕУ кон крајот на 2022 година ги отфрли австриските аргументи, Австрија поднесе жалба, по што Судот на ЕУ оцени дека Европската комисија морала да ги земе предвид и правилата за државна помош и прописите за јавни набавки.

Според судските документи, главниот дел од финансирањето на проектот е предвидено да се реализира преку руски заем во износ до 10 милијарди евра, додека дополнителни 2,5 милијарди евра треба да бидат обезбедени од унгарскиот државен буџет.

И покрај правните предизвици, од Росатом порачаа дека „проектот продолжува да се реализира во тесна соработка со унгарските партнери“.

Москва и Будимпешта во 2014 година потпишаа договор за долгорочен заем во износ до 10 милијарди евра за изградба на нуклеарната централа, потсетуваат руските медиуми.

Поврзани содржини