„ЛАЈКА“ ЌЕ ДОБИЕ 30 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ОД ГРАДОТ „Сејф сити“ ќе ги лови оние што носат кучиња во Скопје
Се прошируваат капацитетите на јавното претпријатие, ќе се воведат хумани услови, а ќе следуваат и санкции за носење кучиња од други градови.
Градот Скопје ќе инвестира 30 милиони денари за сериозно проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“, со цел трајно и системско решавање на проблемот со бездомните кучиња, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Како што посочи тој, по преземањето на функцијата, завршила практиката „Лајка“ да се користи за партиски вработувања, а фокусот е ставен на создавање хумани услови и вистинска грижа за животните.
– Предолго време проблемот со бездомните кучиња се туркаше под тепих. Последиците ги чувствуваа и граѓаните и самите животни, кои беа оставени без заштита, услови и соодветна грижа. Денес започнуваме нов пристап – сериозно, одговорно и со јасна визија – истакна Ѓорѓиевски.
Градоначалникот нагласи дека инвестицијата од 30 милиони денари ќе овозможи проширување на капацитетите на „Лајка“ и создавање современи услови за згрижување на бездомните кучиња, што, според него, ќе донесе видливи и долгорочни резултати.
– Оправдани се забелешките на граѓаните. Со години проблемот растеше наместо да се решава. Токму затоа сега пристапуваме посветено и со цел трајно да го надминеме – рече тој.
Ѓорѓиевски најави и дека нема да се дозволи Скопје да стане „депонија за туѓи проблеми“, посочувајќи дека веќе е отворено прашањето за носење бездомни кучиња од други градови.
– Со воведувањето на системот „Сејф сити“, сите кои несовесно носат животни во главниот град ќе бидат откриени и санкционирани. Ред мора да има – и заради безбедноста на граѓаните, но и заради заштитата на самите животни – потенцираше градоначалникот.
Тој упати апел до граѓаните да бидат активен партнер на институциите и да ги пријавуваат сите појави поврзани со напуштање или незаконско носење животни.
– Само со заедничка акција можеме да воведеме ред и да изградиме систем што функционира. Многу брзо започнуваме конкретна постапка за проширување на капацитетите на „Лајка“ и обезбедување достоинствен третман за бездомните кучиња – додаде Ѓорѓиевски.
Според него, решението на овој долгогодишен проблем нема да биде со декларативни ветувања, туку со реална работа, инвестиции и континуирана грижа.