НА 55 ГОДИНИ ПОЧИНА ЅВЕЗДА НА ХИТ-СЕРИЈА Причината за смртта на популарниот актер сè уште не е позната

Актерот Герардо Тарасена, најпознат по улогата на Пабло Акоста во популарната серија на Нетфлик „Narcos: Mexico“, глумеше и во филмот „Apocalypto“ на Мел Гибсон, во „Man on Fire“ со Дензел Вашингтон и Дакота Фенинг, а имаше и помала улога во „The Mexican“, покрај Џулија Робертс и Бред Пит

142

Една од ѕвездите на популарната серија на Нетфликс „Наркос: Мексико“, Герардо Тарасена, почина на 55 години.

Причината за смртта, која е наведена како непозната, не е објавена ниту се шпекулира за неа. Неговата смрт беше објавена од Мексиканската академија за филмски уметности и науки. Организацијата го опиша како фундаментален актер на мексиканската кинематографија, чие присуство на екранот остави силен, искрен и длабоко човечки белег.






Тарасена е роден во Мексико Сити во 1970 година и студирал драмски уметности на Универзитетскиот центар за театар на Националниот автономен универзитет во Мексико. Подоцна работел на телевизија и во филмови, а бил и професионален танчер.

Тој глумеше во филмот од 2006 година „Apocalypto“, кој зборува за древното мајанско кралство на врвот од неговата моќ; филмот беше режиран од Мел Гибсон.

Тарасена, исто така, соработуваше со Дензел Вашингтон и Дакота Фенинг на криминалниот трилер од 2004 година „Man on Fire“.

Тој имаше улога во филмот од 2007 година „The Violin“ со Анхел Тавира, а доби пофалби за неговата улога во филмот од 2009 година „Sin Nombre“ со Паулина Гаитан.

Актерот, исто така, имаше помала улога покрај Бред Пит и Џулија Робертс во филмот од 2001 година „The Mexican“. Но, тој го постигна својот најголем успех на малите екрани во серијата „Наркос: Мексико“, спин-оф од серијата „Наркос“, која се емитуваше три сезони.

Тој го играше шверцерот на дрога Пабло Акоста во 11 епизоди од 2018 до 2020 година. Неговата богата американска девојка Мими Веб Милер ја играше Соси Бејкон, ќерка на Кевин Бејкон и Кира Сеџвик.

Во глумечката екипа беа и Мајкл Пења, Диего Луна, Тенох Уерта, Алиса Дијаз, Хоакин Косио, Алехандро Еда и Мет Лечер.
„Наркос: Мексико“ се занимаваше со мексиканските нарко-картели во 1980-тите, кога Феликс Гаљардо го предводеше картелот Гвадалахара и изгради царство на дилери со дрога.
Тарасена беше многу почитуван во неговото родно Мексико. Доби номинации за три награди Ариел, кои се доделуваат на најдобрите мексикански филмови.

Поврзани содржини