Патериците на современата мисла
Затоа и имаме незрели, неуки и недемократски политики за коишто залегнатата соцреалистичка идеја за општеството е патерица на секоја овдешна политичка активност.
Инвалидизираната соцреалистичка политичка мисла којашто и понатаму арогантно царува во македонското секојдневие не само низ „политиките“ на актуелната секта што ја глуми опозициската партија сдсм (малите букви се…) е најчестиот – во многу нешта и единствениот – потпорник на вкупниот „развој“ на новата самостојна, суверена и независна држава, сега прекрстена со додавката северна.
И токму тоа е, како што спомнав и минатиот пат, една од главните сопирачки на тој развој како современа европска држава, како и на конечното востановување на демократијата и плурализмот на политичката/општествената мисла кај нас. Што пак е темел на сите неопходни реформи очекувани повеќе од три децении.
Реформи на умот, пред сѐ, па потоа и на сѐ друго, по ред. А редот не мора да биде однапред детално зацртан. Важно е да се почне. Но, повторно – се почнува од умот! А таа реформа никој не ја зема сериозно, ниту пак сака за неа да говори. Зошто?
Затоа што токму некои од наследниците на некогашниот „факел кој го покажувал патот“ ја убедуваа јавноста дека трансформацијата (и) на умот доаѓа со самиот влез во новиот систем, дека демократијата веднаш ни паѓа в скут од благонаклонетото ни небо, а ние само ги жнееме плодовите. Се разбира дека тие знаеа дека тоа не е така, но таквите проповеди беа неопходни да им купат време за да ги инсталираат сите свои едномисленици на виталните позиции во државната и општествената хиерархија. Потоа сѐ беше лесно!
Затоа денес судии казнуваат новинари, затоа политички партии организираат лов на вештер(к)и заради изречен збор, затоа кај нас сите нешта се обвиткани со тајни од седум велови а ние за нив разбираме главно преку странски извори (како што, впрочем, била тајна и „научната“ соработка со мозоци од починати луѓе, како што беше тајна и активноста на „фамозната“ usaid и нејзините „деца“ овде) итн. Спомнатите пак соцреалистички инсталации во етерот – онаа булумента екс „општествено-политички работници“ – сега беа задолжени за контролираната јачина на мегафоните против сите „внатрешни непријатели“ кои го реметеа „мирот“ на замислената транзиција. Е па затоа таа трае веќе три децении!
Политичката мисла, како впрочем и општествената, но и научната, културната, уметничката…, мораа да бидат канализирани и во служба на „високите“ интереси на наследниците, целосно усогласени односно изедначени со виталните државни интереси. Затоа и стасавме до ова дно: нема поголемо злосторство за едно општество од стагнацијата на мислењето – политичко, научно, образовно, културно, уметничко…!
Зашто, како што вели Хана Арент, мислењето е „најчистата активност за којашто се способни луѓето“. Кога ќе им го одземете тоа, тие стануваат само сенки кои ја следат патеката кон смртта. Што е уште пострашно, кај нас станува(ше) збор и за узурпација на мислењето односно наметнување – или подметнување, како посоодветен термин! – на еден анахрон шаблон според којшто нештата во земјата требаа да се „осмислуваат“ и практикуваат.
Па кај нас, и денес, една групација слепци одбиваат да ги видат сите потенцијални придобивки од проектот „Безбеден град“, плашејќи ја јавноста со некакви злоупотреби на податоците!
Или, ако баш сакате, ние веќе речиси три децении негуваме монструм наречен Закон за култура, стотина пати менуван и дополнуван, како реликт на мислењето од едно не баш посакувано минато. А македонската „интелектуална“ фела го правдаше со уште поступидното оправдување дека е подобар и лош отколку никаков закон. Небаре ние бевме/сме неспособни да срочиме нормална, современа легислатива во културата што ќе исчекоруваше вон закостениот им соцреалистички ум!
Или онаа епска одисеја со учебниците за основно и средно образование пишувани од збирштини „стручни“ тимови кои на децата им сервираа не само незнаење и неукост туку и еден ограничен светоглед неприфатлив за нормални граѓани во дваесет и првиот век.
Онаа ступидарија со Црвенкапче, волкот и колбасите е всушност само шега во однос на другите примери што во јавноста беа (ретко) изнесувани од страна на загрижени родители или експерти. И сето тоа под директна контрола на државата односно нејзините институции, заробени од некадарници чија мисла не умее(ше) да се движи ни со патерици.
Впрочем, еклатантен пример односно врв на македонското немислечко злосторство е „највисоката“ научна, културна и уметничка институција викана ману (малите букви се сосема соодветни на нејзиното значење денес), окупирана од грст соцреалистички марифетлии и претворена во платено геријатриско одморалиште.
Поточно, наместо државата, почнувајќи од онаа 1991 година, континуирано и брзо да се ослободува од притисокот врз општеството, таа ја зголемуваше директната контрола токму според трасата зацртана во далечната 1948 година и одново рециклирана во новата држава.
И сѐ си течеше по старо, со институциите како расклатени и најчесто расходувани дрвени вагони, дочекувани на станици уште од времето на „пусто турско“ од страна на контролори со црвени капчиња и свирчиња во устата. За да го одржуваат редот, нели, да не скршне мислата од зацртаната траса!
Затоа всушност и не е чудно што се развиваме вака стихијно и зависно од „проблесоците“ на онаа анахрона соцреалистичка „мисла“, ако воопшто и се развиваме зашто статистиките го говорат токму спротивното. Некој може да приговори дека тоа е данокот и на катастрофалната транзиција низ која нѐ водеа токму експоненти-наследници на некогашното едноумие, но тоа е делумно точно.
На тоа мора да се надоврзат и присутните рецидиви на лошите соцреалистички политики и практики во речиси сите области, наметнувани не само од оваа денешна опозиција, некогаш власт, туку од речиси сите политички партии, повеќе или помалку.
Ако тоа не е така, односно ако некој инсистира дека ние сме демократска држава со современ политички систем но не можеме истите прерогативи да ги преточиме во реална состојба, тогаш тоа значи дека ние сме неспособен, незрел и неук народ кој не треба да има држава!
Затоа и имаме незрели, неуки и недемократски политики за коишто залегнатата соцреалистичка идеја за општеството е патерица на секоја овдешна политичка активност.