ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА ОД ПУШЕЊЕ ЌЕ СПАСИ МНОГУ ЧОВЕЧКИ ЖИВОТИ Директорот на Онкологија со силна поддршка за предложените измени
Од друга страна, угостителите денеска имаа средба со државниот секретар во Министерството за економија и труд на која побараа одложување на примената на законот.
Новиот предлог-закон за заштита од пушење е еден од најдобрите закони што директно го засегаат здравјето на сите наши граѓани. Да ја заштиме повозрасната популација, но и она што е најбитно – и најмладите – изјави денеска проф. д-р Оливер Зафировски, директор на Клиниката за пулмологија и алергологија во Скопје.
Според статистиката, како што истакна, границата за консумирањето тутун веќе е падната на 12 до 14 години и сè повеќе млади деца почнуваат со користење тутун.
– Она што е пострашно е што сè повеќе во мода се електронските цигари. Иако има пропаганда дека тие воопшто не се штетни, напротив, тие се штетни и даваат долготрајни и тешки последици за нежните бели дробови на децата. Даваме поддршка затоа што ова не е казна, туку сакаме директно да ги заштитиме како помладите така и возрасните луѓе бидејќи една од основните причини за појава на белодробен карционом е никотинот, односно пушењето цигари – рече Зафировски.
Одговорајќи на новинарско прашање за откажување од пушење, Зафировски рече дека на Клиниката имаат психолог и цел дел кој работи за одвикнување од никотинска зависност. Сепак, мал број луѓе се пријавуваат за користење на неговите услуги
Од друга страна, угостителите денеска имаа средба со државниот секретар во Министерството за економија и труд на која побараа одложување на примената на законот.
Како што информира денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, идната недела, најверојатно, ќе се одржи уште еден состанок, на кој ќе бидат присутни и тој и министерот за здравство, а ќе се разгледаат сите можности.
Дурмиши не кажа дали можеби ќе се пролонгира имплементацијата на Законот, која треба да почне од 1 март, но напомена дека целта е грижа за јавното здравје.
– Ги слушнавме забелешките на угостителите, кои побараа одреден временски период до стапување во сила на Законот, односно да одиме првин со кампања, па потоа со информација додека почне примената, за да бидат на некој начин подготвени. Ние ќе им повториме која е целта и на крајот ќе донесеме одлука што ќе биде прифатена од сите засегнати страни вклучувајќи ги и угостителите – изјави Дурмиши.